Леб со путер и сирење. Леб со путер и црвена сол – ама претходно потпечен на рингла. Уште поубаво ако е бајат лебот. Му треба малку време да се испече, по неколку минути од двете страни. Кога е готово лепчето, го мачкате путерот и тој се топи и ја впива црвена сол. Убавина. Леб со путер и мармалад од кајсии. Леб со путер и мед – ова за оние кои се по благото. Леб, сирење и патлиџан. Има ли поубава гозба од тоа? Леб и ајвар, исто така. Секогаш кога се приближува крајот на пржењето на ајварот, децата ги праќаат по тазе леб за да се проба „македонскиот кавијар“. Тогаш не се сече лебот – се крши и се мачка од ајварот.
Значи, нема поубав мирис од тазе печен леб. Можеби има, оној мирис кога се пржи кафе, ама за тоа другпат…
Мирисот на тазе леб, рано наутро, кога ќе го донесат од фурна, веднаш ти ги отвора сите сетила и со замижени очи можеш да отидеш во кујната и веќе не е толку важно што ќе јадеш со него.
Порано имаше само еден вид. Денеска има различни видови, форми, па и различни бои – бели, црни, интегрални, со семки, баварски, потпечени, помалку печени, на плотна, на дрва…секакви. Ама највусни се оние изедени во друштво, со многу пријатели, со многу смеење и се разбира – караница за тоа кој ќе го јаде крајчето од лебот!
Состојки
450 грама брашно (150 грама пченкарно и 300 грама пченично брашно)
350 грама млака вода
¼ лажичка сув квасец
1 лажичка сол
Подготовка
Во еден сад прво промешајте ги сувите состојки, пченкарното и пченичното брашно, квасецот и солта, а потоа додадете ја водата. Промешајте се заедно и покријте го садот и оставете ја смесата да отстои од 12 до 16 часа.
Утрото побрашнете ја површината на која ќе го посипете тестото. Побрашнете го и тестото одозгора и полека, со рака, растегнето го. Потоа преклопувајте го кон средината од сите страни.
Во чиста крпа ставете брашно и тестото префрлето го во неа. Замотајте го и оставте го да се одмора два часа.
Вклучете ја печката на 250 Целзиусови степени и во неа ставете ја тавата со капак. Кога ке се згрее тавата, ставете го тестото во неа. Затворете ја тавата со капакот и печете 30 минути. Потоа, извадете го капакот и вратете го лебот да се допече уште 15-20 минути. Печениот леб извадете го и замотајте го во чиста крпа. Претходно попрскајте го со вода одозгора за да остане мек.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.