На третиот моден ден во рамките на есенскиот Моден викенд дебитираа четири имиња а вечерта заврши со ревиите на дизајнерките Ирина Тошева и Олгица Ѓоргиева, вчера во салонот „Ауди-Порше Македонија“.


На пладневна ревија , беше прикажана колекција за деца од модната продавница „Софиленд“ за сезоната есен/зима 2014/2015 година, од повеќе американски брендови. На ревијата гостуваа и децата од Здружението за деца со Даунов синдром „Трисомија 21“.

Вечерните ревии започнаа со колекцијата на дизајнерката Андриана Динева која подолго време твори под етикетата „Куфер“ (Kufer) но првпат се претставува на Моден викенд Скопје. Динева ја претстави колекцијата „Тајмлес“ (Timeless) за есен/зима 2014/2015 година.


– Колекцијата е за самоуверена жена, која не е определена од тековните тенденции. За храбрата жена што секогаш знае да ја помести границата на она што се нарекува женственост, жена што не прави компромиси и жена што верува во безвременска класика – вели Динева.

Своето деби на Моден викенд го имаше и модната куќа „„Хера“ (Hera).

– Овој пат се посветивме на фустаните за романтична вечер, направени со материјали што обезбедуваат чувствителност и нежност, а карактеристичен е сјајот на кристалите и мекоста на пердувите – велат од „Хера“.

Од младиот Златко Јовановски кој се потпишува зад „JZJ by Zlatko Jovanovski“ посетителите видоа колекција за актуелната сезона, инспирирана од славниот уметник Микеланџело, наречена по неговото истоимено дело „Страшниот суд“. Во богатата палета тонови преовладуваат пастелните, особено давајќи драматичност со белата боја.



Вечерта ја заокружија ревиите на веќе познатите дизајнерки Ирина Тошева поддржана од
„Мај тајм“ и Олгица Ѓоргиева поддржана од „Охсет“.



– Зебрата е употребена како симбол на индивидуалност и ни открива дека колекцијата е наменета за оние што се во постојано движење и имаат желба да се разликуваат од околината. Токму тие умеат да ги слушнат своите инстинкти и да изгледаат онака како што се доживуваат однатре – вели за својата колекција Тошева.
Ѓоргиева за најновата колекција наречена „Complete your puzzle“ за есен/зима 2014/2015 година, вели дека е минималистичка, женствена но и безвременска, составена од секојдневни носливи парчиња но и елегантни фустани.



Во шоурумот на „Ауди –Порше Македонија“ вчера и денес ќе биде изложена колекцијата ексклузивен накит изработен од сребро, дрво и полускапоцени камења од „Илина дизајн“ и изложбата на фотографији од Ребека Рој, позната британска стилистка и модна уредничка од Лондон. Станува збор за селекција од 20 фотографии создадени во соработка со некои од најбараните светски модни фотографи со кои соработувала Рој.
фото: Дими и Ани
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


