| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: САД го уништуваат светскиот поредок

Рускиот претседател Владимир Путин ги обвини во петокот САД дека светот поради нив станува поопасен и понебезбеден бидејќи во меѓународната дипломатија вовеле „унилатерален диктат“, и истовремено ја демантираше тезата дека Русија сака да изгради ново царство.

putin1

Во говорот, кој западните медиуми го карактеризираат како од периодот на Студената војна меѓу Западот и Истокот, рускиот претседател Владимир Путин ги обвини западните земји а посебно САД за украинската криза, а Русија ја претстави како моќна сила којашто не се согласува да го моли Западот да ги укине санкциите воведени поради споменатата криза.

„Тврдењата дека Русија се обидува да врати некакво царство, дека го загрозува суверенитетот на соседите – се неосновани“, изјави Путин во својот говор во одморалиштето во близина на црноморскиот град Сочи пред групата домашни и странски политички аналитичари и експерти собрани на годишниот состанок на Клубот Валдаи.

Путин, исто така, истакна дека Русија нема никакви намери ниту да се врати на тоталитарниот пат на развојот, бидејќи тоа го оцени како ќорсокак.

„Треба да промениме многу работи во нашите животи, полека го правиме тоа, но не преку револуција. Нив доволно ги имаше во ХХ век, се потрошија, туку преку еволуција… Ние немаме желба да се вратиме во тоталитарното минато, и не затоа што се плашиме, бидејќи, јас сум длабоко убеден, тоа е ќорсокак на патот на развојот за руското општество“, рече Путин на завршната пленарна сесија на XI седница на Меѓународниот дебатен Клуб „Валдаи“, невладина организација.

Руските медиуми оценуваат дека Путин упатил остра критика на сметка на САД и нивните сојузници кои ги обвини за „уривање на постојниот систем“ на меѓународната безбедност. Притоа, како главна задача во меѓународната политика рускиот претседател смета дека треба да биде изградбата на нов систем кој ќе се базира „на глобален консензус“ и нема да овозможува разгорување на нови конфликти.

Го предупреди Вашингтон, кој според Путин, верувајќи дека излегол како победник од Студената војна сака „да го преуреди целиот свет“ во согласност со сопствените интереси, како и дека расте опасноста од меѓународни судири. „Ние не почнавме први“, порача Путин. Додаде дека наместо да се воспостави нова рамнотежа на моќта, што според него е неопходен услов за ред и стабилност, напротив САД преземаат чекори кои придонесуваат за остро влошување на таа рамнотежа.

Притоа Путин ги според САД со новопечени богаташи кои ненадејно стекнале огромно богатство – глобалното лидерство. „И наместо разборито и внимателно да располагаат со тоа, вклучително и во своја позла – едноставно натрупуваат глупости“, рече рускиот претседател.

Вашингтон, всушност, ја става легитимноста на владите на другите земји во зависност од нивната лојалност кон него, рече Путин и ја критикуваше тезата за ексклузивната улога на САД во светот. „Едностраниот диктат и наметнувањето на својот модел предизвика спротивни ефекти. Наместо решавање на конфликтите – ескалација, наместо суверени стабилни држави – поголем хаотичен простор, наместо демократија – поддршка од сомнителна јавност, од отворени неонацисти до исламски радикали“, рече.

Според Путин, САД со своите активности во програмата за ракетната одбрана го започнале процесот на уништување на актуелниот систем на контролата на вооружувањето. Оттаму, смета, неопходни се разговори за меѓународно прифатливи услови за примена на сила.

Отфрлајќи ги американските и европските санкции против Русија во врска украинската криза како грешка, Путин истакна дека „Русија нема ниту да се навреди од некој, ниту кого и да е ќе го моли. Русија може сама“, порача.

Рускиот претседател, исто така, не очекува дека европските земји ќе престанат да го купуваат рускиот гас, бидејќи смета оти за тоа нема алтернатива. Европската унија којашто ги воведе санкциите поради ситуацијата во Украина за што ја обвинува, како и САД, Русија, е загрижена дека оваа зима би можело да дојде до нарушување на испораките за европските корисници, бидејќи тој оди преку украинскиот гасоводен транзитен систем, а Киев го нема исплатено својот долг по што, како што предупредува Москва, како и во претходните случаи во 2006 и 2009 година, може да дојде до поткраднување на испораките за ЕУ.

Агенцијата Reuters оценува дека во овој говор Путин бил најостар кон Западот откако во 2000 година дојде на власт, и констатира дека тоа покажува колку Москва и Западот се оддалечиле во врска со цела низа прашања.

Русија на поранешниот украински претседател Виктор Јанукович му помогнала да избега од земјата, поради закана по животот, кога беше собирен со насилните улични протести на тогашната прозападна опозиција, што Москва го смета за државен преврат на легално избрани власти, повтори во петокот Путин. „Отворено велам: замоли да го изнесеме во Русија и го сторивме тоа“.

Путин ги критикуваше прозападните власти во Киев дека со сила го задушуваат протестот и бунтот на рускојазичниот југоисток од земјата, наместа излезот од кризата да го бараат во преговорите со локалното население. „Не гледам желба кај нашите киевски партнери проблемот со југоистокот на земјата да го решат со политички процес, со разговори. Секогаш станува збор за иста работа којашто различно се манифестира – со насилно задушување“, додаде рускиот претседател

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top