Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган обелодени детали од планот за поддршка на курдските борци во Кобане, сириски град кој со недели е опколен од џихадистите, преку испраќањето дополнителни сили, јавуваат турските медиуми. Ердоган во Талин, по средбата со естонски колега Томас Хендрик Илвес посочи дека бројот на борците на силите на ирачките кирди, Пешмерга, кои од северен Ирак преку Турција ќе заминат за Кобане за да се борат на страната на своите собраќа, бил намален од 200 на 150 лица.
– Истовремено, сириската курдска партија Демократска унија се согласи 1.300 припадници на Слободната сириска армија да преминат во Кобане, рече Ердоган.
Демократската унија го контролира Кобане, а нејзините борци се борат против групата Исламска држава со поддршката на воздушните напади на антиџихадистичката коалиција, предводена од САД.
– Оваа партија соопшти дека се согласила да прифати 1.300 припадници на Слободната сириска армија и нашите екипи сега преговараат за тоа каква треба да биде маршрутата за нивното преминување, изјави Ердоган на прес-конференцијата.
Тој потенцира дека Турција нема резерви во однос на преминувањето на силите на Слободната сириска армија и на тоа гледа позитивно.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.