| четврток, 6 декември 2018 |

Увозот се намалува, извозот расте

Според податоците на НБМ, вкупниот извоз на прехранбени производи во првите шест месеци од 2014 година достигнал 107,8 милиони долари, што претставува пораст од 9,1 милиони долари во споредба со истиот период минатата година, кога е извезена храна во вкупна вредност од 98,7 милиони долари. Тоа е зголемување за девет проценти. Од друга страна, се намалува и увозот на храна и вредносната разлика меѓу увозот и извозот

Дали можеме да очекуваме поевтинување на храната? Стручњаците велат да. Имено, цените на храната на глобално ниво паѓаат, за што придонесоа обилната жетва и големите резерви. Според Организацијата на ОН за храна и за земјоделство (ФАО), најголемо намалување е регистрирано кај цените на шеќерот и на млечните производи, а потоа и на житото и на маслото. Сето тоа овозможува поголема понуда на храна, што, пак, ја намалува нејзината цена. Каква е состојбата во Македонија? Последните податоци на Народната банка покажуваат пораст и на македонското земјоделско производство, што овозможува задоволување на домашните потреби, но и поголем извоз, а помал увоз на храна. Најмногу се извезуваат свежо овошје и зеленчук, а расте и извозот на месната индустрија. Kонтинуираниот пораст на субвенциите во земјоделството, како и целата аграрна политика на државата, полека, но сигурно ги дава посакуваните резултати во продукцијата на храна. А ситуацијата ќе продолжи да се менува на подобро, со оглед на тоа дека субвенциите во земјоделството за 2015 година, според предвидениот буџет и програма, се проектирани на рекордни 150 милиони евра. Тоа значи дека прехранбената индустрија станува една од водечките извозни гранки во државата и ја прави земјава помалку увозно зависна.

– Извесен период наназад, откако почна да се зголемува државната поддршка за земјоделството, производството расте. Тоа во добар дел овозможува задоволување на домашната побарувачка, но и извоз, што, да речеме, порано беше невозможно да се постигне бидејќи количините храна беа недоволни и за наши потреби. Не може да не се каже дека тоа најмногу се должи токму на субвенциите што ги добиваат производителите на храна. Субвенциите што почнавме да ги добиваме од 2006 година, па наваму, донесоа преродба во земјоделството. Порано земјоделците беа само гласачка машина што го полнеше буџетот. Сега работите се сменети и за нас доаѓаат подобри времиња. Субвенциите ни овозможуваат пристоен живот, ни овозможуваат да имаме храна за себе, за државата и за извоз. Ние како земја живееме од земјоделството, па треба да се свртиме кон него. Така ќе си го нахраниме нашето население, ќе се намалат цените на храната, а воедно парите што се одлеваа за извоз, сега ќе ни остануваат во земјава – велат од земјоделските здруженија.

Ekonomija111-3

И агроекономистите со сличен став.

– Нормално е да има зголемување на производството бидејќи владината поддршка во тој сегмент е голема. Тоа овозможи зголемување и на квантитетот и на квалитетот на земјоделското производство. Се засадија поголеми површини со земјоделски култури, а воедно се подобрија технологиите за производство, што резултираше со зголемена продукција на земјоделски производи. Договорите за слободна трговија овозможуваат слободен проток на стока, што значи олеснет излез надвор на нашите производи, кои, пак, се надалеку познати по нивниот квалитет, па лесно го наоѓаат патот до потрошувачите – вели деканот на земјоделскиот факултет, Драги Димитриовски.

Според него, предвидувањата на ФАО за пад на цената на храната се логичен редослед на случувањата во светската економија.

– Прогнозите на ФАО се базираат на фактот дека има зголемување на производството на храна, но и ембарго за нејзино пласирање на рускиот пазар што овозможува таа храна да остане на домашниот пазар. Тоа создава притисок врз цените и нивни пад. Во едни вакви услови на наплив на производи, македонските производи можат да се изборат за свое место под сонцето, но треба да го зголемат квалитетот, да ги намалат трошоците, со што ќе ја засилат конкурентноста. А кога еднаш ќе се придобијат потрошувачите, останува нивната приврзаност – додава Димитриовски.

Според податоците на Народната банка на Македонија, вкупниот извоз на прехранбени производи во првите шест месеци од 2014 година достигнал 107,8 милиони долари, што претставува пораст од 9,1 милиони долари во споредба со истиот период минатата година, кога е извезена храна во вкупна вредност од 98,7 милиони долари. Тоа е зголемување за девет проценти. Најголем пораст на извозот на прехранбени производи во првите шест месеци од годинава има кај месото и кај преработките од месо, каде што се извезени производи во вкупна вредност од 16,2 милиони долари, што е зголемување од малку повеќе од пет милиони долари во споредба со извозот од 11 милиони долари во истиот период минатата година.

Ekonomija111-2

Пораст на извозот на храна има во сите сектори на прехранбената индустрија, па така, извозот на живи животни од јануари до јуни е поголем за 100.000 долари и порасна на вкупно 727.000 долари за шест месеци. За 1,1 милион долари е зголемен извозот на млеко и на млечни производи и на јајца, па во првото полугодие од годинава се извезени производи во вкупна вредност од 4,1 милиони долари. Мало зголемување има кај извозот на овошје и на зеленчук, но оваа ставка вредносно има најголемо учество во извозот на прехранбени производи. Во првите шест месеци на странските пазари се извезени овошје и зеленчук во вкупна вредност од 55,8 милиони долари, што е за 200.000 долари повеќе во споредба со првите шест месеци лани. Извозот на жито и на житни култури, пак, која е втора по големина ставка во статистиката, гледано според вредноста на извезени производи, во првото полугодие од 2014 година бележи зголемување од 1,3 милион долари на вкупно извезени житни култури во вредност од 17,5 милиони долари.

За 200.000 долари е зголемен извозот на шеќер и на преработки од шеќер на вкупно извезени 3,1 милиони долари, додека извозот на кафе, чаеви и на зачини е поголем за 400.000 долари на вкупно извезени производи од 3,6 милиони долари за шест месеци годинава.

Од друга страна, се намалува и увозот на храна, но и вредносната разлика меѓу увозот и извозот. Во првите шест месеци од годинава се увезени прехранбени производи во вкупна вредност од 167,7 милиони долари, што е намалување за 4,7 милиони долари во споредба со првите шест месеци од 2013 година, кога е увезена храна во вредност од 172,4 милиони долари.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 111. број на неделникот „Република“, 17.10.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top