| четврток, 6 декември 2018 |

Со ревиите на Јован Петровски и на Јована Филиповиќ почна 10. издание на Моден викенд Скопје

Moden vikend 02 (Custom)

Со ревиите на Јован Петровски и на Јована Филиповиќ почна десеттото издание на Моден викенд Скопје , вчера вечер во мултимедијалниот центар „Мала станица“ во Скопје. Двајцата дизајнери беа дел и од првиот Моден викенд Скопје.

Петровски, кој последните неколку години гради успешна кариера на Тајланд, вчера вечер ги презентираше колекциите од луксузните марки „сквајар“ (SQUIRE) и „блекаут“ (BLACKOUT).

„Блекаут“ е артистичко-традиционална рачно изработена прет-а-порте линија за облека од Бангкок, а „сквајар“ (SQUIRE) нова, луксузна марка, основан од Петровски.

Линијата на „сквајар“ нуди и машка и женска облека. Двете модни марки се посветуваат на формата и на целината повеќе од демонстрација на боја, текстил и современо крпење. Модното шоу на Јован Петровски го следеше музички перформанс на Сашко Костов, кој компонираше музика специјално за ревијата.

Дизајнерката Јована Филиповиќ ја презентираше колекцијата „ Каде што работите се диви“ (Where the wild things are), за есен/зима 2014/ 2015 година , која е во знакот на сафари-шикот.

– Динамична љубовна афера. Тој и таа. Млади, урбани, заводливи, грациозни. Денскиот урбан и егзотичен изглед, кој дивее низ саваната, ноќе се претвора во гламурозен, лелеав, моќен. Подготвен за луксузна вечера со свеќи, каде што мирисот на шафран и цимет опива и ја буди внатрешната, дивата страна во нив. Приказна составена од околу 23 модели, машки и женски, кои претставуваат симбиоза на естетика и функционалност. Прикажани се неутрални и монохроматски палети на бои, декорирани со анимал принтови, големи јакни и капути, и веќе традиционално -минималистички кроеви и форми – вели дизајнерката Филиповиќ за својата актуелна колекција.

Вчера почна и работилницата „Модно блогирање и фотографија“ водена од Ребека Рој – успешна британска стилистка и модна уредничка од Лондон. Работилницата е во организација на Моден викенд Скопје и Британски совет во Македонија, а ќе трае пет дена.

фото: Игор Ангеловски

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top