Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, кој во неделата е уапсен под сомнеж дека извршил повеќе кривични дела за корупција, би можел да остане во притвор и една година поради големиот број на сведоци во случаите кои треба да ги докаже.
Портпаролот на Канцеларијата за спречување корупција и организиран криминал (УСКОК), Вук Ѓуричиќ потврди дека имаат предложени 270 сведоци и додаде дека искуството од истрагите кои се воделе против поранешниот хрватски премиер Иво Санадер и поранешниот сисачко-мославачки жупан Марина Ловриќ Мерзел, укажуваат дека тој број може да биде и поголем.
Со тоа би се продолжил и престојот на актуелниот загребски градоначалник во истражниот затвор Реметинац, каде што се наоѓа по одлуката на истражниот судија на загребскиот Жупаниски суд да му одреди притвор во траење од 30 дена, поради опасност од влијание врз сведоците и повторување на делата.
Бандиќ се товари за незаконско работење со фирмите ЦИОС на осомничениот Петар Припуз и „Брамград проект“ на Бранко Михаљевиќ, како и дека, според УСКОК, го оштетил градскиот и државниот буџет поради спорното финансирање на претседателската кампања во 2009 година.
Исто така, тој е осомничен и дека петпати ја злоупотребил својата службена положба при незаконско вработување на блиски лица во Градската управа и Загребскиот Холдинг, а седумпати ја злоупотребил својата функција во врска со користење на службените автомобили на Град Загреб за приватни цели.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.