| четврток, 6 декември 2018 |

Матичната комисија ги поддржа измените на Законот за јавни патишта

собрание

Со глоба од 500 евра да бидат санкционирани лицата кои нема да платат патарина, а ако ја искршат наплатната рампа покрај глоба од 500 евра трајно да им се одземе возилото, предвидуваат предложените измени и дополнувања на Законот за јавни патишта, што денеска во прво читање ги поддржа матичната собраниска Комисија за транспорт и врски.

Во текот на расправата, дел од членовите на Комисијата од пратеничката група на ДУИ  оценија дека одземањето возило е ригорозна мерка и оти тоа треба да биде санкционирано поинаку.

– Имам дилема во однос на санкцијата со одземање возила, што е приватна сопственост. Никој не поддржува различни вандализми што може да се случат, тоа треба да биде санкционирано со закон, но да се одземе возилото е многу ригорозна мерка од аспект на приватна сопственост – рече Ејуп Рустеми од ДУИ и најави дека во второто читање на законот ќе интервенира со амандман.

Предложената законска одредба е многу ригорозна и според Рамиз Мерко од ДУИ. – Има закон за прекршоци и може да се изрече прекршочна пријава. Во ова време  зголемувањето на глобата од 200 на 500 евра и одземање возило е неприфатливо бидејќи не се знае во каква состојба тоа е направено – наведе Мерко.

Матичната собраниска Комисија ги поддржа и предложените измени и дополнувања на Законот за превоз во патниот сообраќај, со кои според пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ќе се олесни патувањето  на граѓаните и ќе се создадат еднакви рамноправни услови при транспортот на стока за  домашните и странските превозници.

Со законските измени се предлага од 1 април следната година лиценци за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз на патници да се издаваат само на превозници кои поседуваат возила со минимум Еуро 2 еколошки стандард.  Се предвидува туристичките агенции во рамки на својата дејност за своите клиенти да купуваат возни билети преку електронскиот систем на автобуските станици за што во рок од три месеци од стапувањето во сила на законот треба да склучат договор со автобуските.

Според Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ, поврзувањето на туристичките агенции кон електронскиот систем за билети на автобуските станици за патниците ќе значи сигурно слободно место во автобусот со купениот билет.

 – Во минатото многу често при купување билет во туристичките агенции на лице место пред самото патување граѓаните констатираа дека местото е веќе  продадено и имаше нервозни и изманипулирани патници – рече Данев.

На барање на Асоцијацијата Макамтранс, пак, Министерството за транспорт со предлогот предвидува странските превозници да не смеат да ја даваат на друг превозник меѓународната транспортна дозвола, ниту да ги преправаат или да ги менуваат впишаните податоци. Дозволата уредно и во целост треба да ја пополнат пред почнување на превозот на територија на Република Македонија. Ако Царинската управа  утврди кршење на тие одредби не смее да дозволи излез или влез на тоа возило во  и надвор од Македонија. Правните лица, трговци поединци, физички лица, кои самостојно вршат дејност, при меѓународен  промет  на стока,  според предлогот, се должни пред утовар или растовар на стока  да проверат дали странскиот превозник има соодветна меѓународна транспортна дозвола.

Со дорегулирањето на одредбите за странските превозници кои вршат превоз во Македонија, истакна пратеникот Данев,  ќе се создаде рамноправен статус со домашните  превозници, односно стимулирање фер услови за сите.

Комисијата за транспорт и врски го усвои и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешната пловидба, во прво читање. Со него се врши  дефинирање на условите кои треба да ги исполнуваат членовите на комисијата која го спроведува испитот за стекнување звање за член на екипаж на брод. Испитот за стекнување звање за член на екипаж на брод, според предлогот, ќе се полага во Капетанијата, пред стручна комисија, која на предлог на капетанот на Капетанијата ја формира министерот за транспорт и врски. Комисијата е составена од претседател и четири члена. Член на испитната комисија може да биде лице со соодветна стручност согласно со тематските области. Ако во Македонија нема лице со стекнато соодветно звање за кое се организира полагањето на испитот,  за член на комисијата може да биде именувано лице кое е странски државјанин

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top