
Камера од видеонадзорот во интернатот на Воената гимназија во улицата Хумска во Белград снимила маж за кој полицијата се сомнева дека го поставил леталото поради кое беше прекинат нетпреварот меѓу Србија и Албанија на 14 октомври. Снимката е направена петнаесет минути по инцидентот.
Дали лицето на снимката е Исмаил Моринај за кој се претпоставува дека го пуштил леталото ќе утврди истрагата, пишуваат српските медиуми. Полицијата има сознанија дека човекот непосредно по инцидентот бил цел на навивачи на Рад.
– Тие веднаш тргнале во потрага. Наводно, влегле во трага на тој што го пуштил леталото, но успеал да побегне, велат од српското МВР. На основа на доказите сè уште не е потврдено од каде тргнало леталото.
– Можно е да е пуштен од куполата на црквата, каде што е најдено јаже, а можно е да е лансиран од зграда покрај воениот интернат, кој има рамен покрив. Не е исклучено дека и двете места биле подготвени однапред – велат од полицијата.

Во исто време, полицијата го открила и местото каде што престојувал осомничениот Моринај. Станува збор за хостелот Ферит, кој се наоѓа во близина на населбата Автокоманда во Белград.Објектот е затворен во моментот, а соседите велат дека сопственикот го напуштил објектот откако полицијата ја претресла собата во која престојувал Исмаил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


