Ноќ за паметење за љубителите на фудбалот во Лигата на шампионите. Вечерва беше одиграно третото коло од групите Е, Ф, Г, Х и беа постигнати вкупно 40 гола или во просек по пет на натпревар.
Баерн буквално ја прегази Рома на „Олимпико“ постигнувајќи дури седум гола во мрежата на Де Сантис кој рака на срце не беше виновен за ниту еден. Европскиот шампион од 2013 година ја покажа сета своја сила и е еден од најсериозните кандидати за повторно да се врати на тронот оваа сезона.
Стрелци за Баварците беа Робен (два), Геце, Левандовски, Рибери, Милер и Шакири. Единствениот гол за „римската волчица“ беше Жервињо. Овој натпревар лесно можеше да биде и со двоцифрен број на голови, ако буквално не се изнапромашуваа играчите на Рома.
Шахтер Донецк влезе во историјата на Лигата на шампионите постигнувајќи дури шест гола. Шахтер го демолираше Бате Борисов на гостински терен со 7-0. Напаѓачот на украинците Бразилецот Луис Адриано беше стрелец на четири гола во првото полувреме и со тоа и тој се запиша во историјата, играчот кој малку фалеше да го напушти Шахтер летово поради познатите политички проблеми во Украина.
И во Гелзенкирхен беа постинати седум гола. Таму домаќинот Шалке во судиското продолжение од пенал успеа да слави над Спортинг Лисабон со 4-3.
Челси беше пократок за еден гол и вечерва му ја наполни мрежата на Марибор „само“ со шест гола. Македонскиот репрезентативец Агим Ибраими го одигра целиот натпревар, а во 64 минута промаши пенал при резултат од 4-0.
Ибраими одигра солиден натпревар и во неколку наврати можеше да го изненади Петр Чех со прецизни удари од далечина.
Резултати: ЦСКА Москва – Манчестер Сити 2-2, Апоел Никозија – ПСЖ 0-1, Рома – Баерн Минхен 1-7, Барселона – Ајакс 3-1, Челси – Марибор 6-0, Бате Борисов – Шахтер Донецк 0-7, Порто – Атлетик Билбао 2-1, Шалке 04 – Спортинг Лисабон 4-3.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.






