
Во врска со извештајот за индексот на економска слобода на Фондацијата „Херитиџ“, премиерот Никола Груевски денеска рече дека тоа е одлична препорака за инвеститорите како за домашните, така и за странските и за сите оние што сакаат да прават бизнис во Македонија и со македонски компании.
– Морам да констатирам дека имаме причини да бидеме задоволни за периодот додека оваа политичка гарнитура ја предводи Владата. Имаме напредок од 96-то на 43-то место во светот, значи 53 места придвижување. Тоа е одлично. Не само што имаме огромно придвижување за релативно краток период, туку имаме најдобра позиција споредена со сите земји во него – рече премиерот Груевски кој денеска присуствуваше на промоцијата на проектот „Превод на 1.000 стручни и научни книги“.
Подобро сме пласирани, како што посочи, од соседните земји – Словенија, Бугарија, Грција, Србија, Албанија и сите во целиот овој наш регион.
– Тоа е одлична препорака за инвеститорите како за домашните, така и за странските и за сите оние што сакаат да прават бизнис во Македонија и со македонски компании. Тоа е на некој начин резултат и на сите оние мерки кои во изминатиот период се преземаа. Тоа не доаѓа случајно, ниту пак по некој избор на среќа, туку со многу работа, со многу организација и со многу придвижувања, со многу труд. Тоа што е во извештајот на некој начин се рефлектира и во реалноста – рече Груевски.
Македонија бележи подобрување во извештајот за индексот на економска слобода на Фондацијата „Херитиџ“, додека, пак, од Институтот „Като“ велат дека Македонија е најдобро пласирана држава од регионот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


