На 29 ноември во арената „Борис Трајковски“ во Скопје ќе се одржи голем заеднички концерт на Мирослав Илиќ и на Адил Максутовиќ.
На сцената прв ќе настапи младиот пејач, кој на пошироката јавност ѝ е познат по прекрасните балади и вонсерискиот глас и кој потоа микрофонот и сцената ќе му ги препушти на Мирослав Илиќ.
Двојниот концерт е предвиден да биде како тричасовна забава со најголемите хитови на Илиќ и на Максутовиќ, но не се исклучува и можноста на сцената да видиме уште едно големо музичко име, кое ќе настапи како гостин на концертот.
Адил музичката кариера ја почнал уште во средношколските денови, а посериозно во светот на музиката навлегува со снимањето на првата песна „Не могу без тебе“ во 2007 година со која дебитира на фестивал во Врњачка Бања. Зад себе има три студиски изданија, од кои последното „Маскенбал” го издава минатата година.
Илиќ, пак, својата богата музичка биографија почнува да ја пишува далечната 1977 година, кога ја снима својата прва сингл плоча „Волео сам девојку из града“, а колкава е популарноста на оваа песна говори и податокот дека таа и денес е хит и негова лична карта. Две години подоцна Илиќ ја снима и првата плоча, и тоа за најмоќната дискографска куќа на тогашна Југославија, ПГП РТС. Важи за единствениот следбеник на вистинскиот фолк, кој и после толку години не отстапува од стилот со кој почнал, па затоа и го нарекуваат „џинот од Мрчаевци“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.