Австралиски тинејџер, кој побегнал од дома и им се приклучил на џихадистите во Ирак и во Сирија, денеска преку видеоснимка на Исламска држава (ИД) порача дека нивната борба нема да запре сѐ додека нивното знаме не се развиори во секоја земја.
Абдула Елмир (17), чиј псевдоним е Абу Калед, во видеозаписот објавен на интернет, му се обраќа на австралискиот премиер Тони Абот со порака дека тие имаат оружје, војници и дека нема да престанат со борбите, објави весникот „Сиднеј морнинг хералд“.
– Нема да го положиме оружјето сѐ додека не ја освоиме вашата земја и додека не ја отсечеме главата на секој тиранин и додека црното знаме (на Исламска држава) не се развиори високо во секоја земја – порача Елмир, чие семејство е од Бенкстоун, југозападно предградие на Сиднеј.
Портпаролот на австралискиот премиер одговори дека на видеоснимката се гледа опасноста од ИД.
– Како што кажа премиерот во многу пригоди, ИД е закана која досега до Австралија и нашите сојузници и партнери. Австралија се приклучи кон коалицијата за да се разбие и уништи ИД во Ирак, и на нашите сили за спроведување на законот и на безбедносните агенции им дава овластувања и ресурси кои им се потребни со цел Австралија и Австралијанците да ги направи што е можно побезбедни – наведе портпарокот на премиерот.
Австралија минатиот месец го зголеми нивото на безбедност поради опасноста од тероризам, пред сѐ, поради сѐ поголемата загриженост од враќање на џихадистите на континентот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.