
Полицијата во Манчестер уапсила 41-годишен маж осомничен дека за време на натпреварот од осмото коло на Премиерлигата меѓу Манчестер сити и Тотенхем управувал беспилотно летало над трибините на стадионот „Итихад“.
Според „Би-Би-Си“, леталото во текот на натпреварот е забележан на источната трибина на стадионот, а англиската полиција навела дека човекот бил приведен на блискиот паркинг. Тој потоа бил пуштен со кауција.
Портаролот на полицијата во Манчестер рекол дека човекот е осомничен дека го прекршил правилникот за функционирање на воздушниот сообраќај, односно дека го загрозил воздушниот простор.
– Беспилотните летала претставуваат потенцијална закана за сите луѓе на стадионот. Исто така и малите дронови можат да бидат тешки од седум до осум килограми и можат да предизвикаат повреди, ако паднат од височина. За среќа, во овој случај никој не е повреден. Луѓето можеби ова го сметаат како помал престап, но леталата го нарушуваат воздушниот простор, поради што и со самото тоа станува збор за сериозен престап – изјавил главниот инспектор на полицијата во Манчестер Крис Хил.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


