| четврток, 6 декември 2018 |

„Самун ем татлија“ на радовишани ги воодушеви гостите (фотогалерија)

Радовиш три дена беше центар на гурманите славејќи го празникот на убавата храна посветен на радовишкиот самун и татлија. Со повеќе од 50.000 посетители и исто толку продадени сaмуни, Радовиш уште еднаш се претстави како град достоен за секој предизвик.

Градот одамна не бил толку полн, радовишани и гостите одамна не се така добро забавувале, a, секако, не изостана и економскиот бенефит.

Организација на ниво – чиста десетка. Градоначалникот Николов и општина Радовиш и овој пат како одлични домаќини понудија прекрасна тридневна претстава задоволувајки ги вкусовите и на најпребирливите музички критичари.

Петокот за забавните рефрени, неделата за македонските фолк-звезди и шлагот на манифестацијата, сабота вечер и легендарните „Хари Мата Хари“. Музиката одлична, а за храната не сакаме ни да зборуваме. Гостите презадоволни од пробаните  специјалитети – радовишкиот самун и убавата татлија.

Радовиш три дена пулсираше во ритамот на „Самун ем татлија“ и во трите денови плоштадот „Св. Спасо Радовишки“ и угостителските штандови беа преполни и секогаш се бараше столче повеќе.

Прекрасната Елена Ристеска, домашните фолк-звезди Јордан Митев и  Ванчо Тарабунов, како и голем број нивни  колеги и колешки од фолк-естрадата, како Сузана Спасовска, Елена Велеска, Соња Тарчуловска и неповторливите „Уска кан“ им приредија вистинско шоу на радовишани и на нивните гости, а главниот настан концертот на безвременските „Хари Мата Хари“ беше нешто што долго ќе се раскажува не само во Радовиш туку и во сите места и  градови од каде што имаше гости. Посетителите на преполнетиот плоштад повеќе од два часа уживаа во еден глас сo легендарниот Хари Варошановик пеејќи ги вечните  хитови на оваа мега-популарна поп група.

Радовишани не го криеја задоволството што и оваа година градоначалникот Сашко Николов и општина Радовиш им овозможија да уживаат во еден прекрасен викенд, а посетителите импресионирани од добрата забава и вкусните сомун и татлија нестрпливо ќе ја чекаат следната манифестација.

Одлуката ланскиот еден ден да се замени со три дена се покажа како полн погодок.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top