Британската влада подготвува посебен план за ограничување на приливот на имигранти во Велика Британија од земјите на ЕУ, соопштено е денеска во Лондон.
Планот треба да биде публикуван до крајот на оваа година, а предвидено е премиерот Дејвид Камерон да зборува за новите мерки, пред гласањето за еден месец, за нов пратеник во Вестминстер, од изборната единица во Кент. Ова пратеничко место остана испразнето по „бегството“ на еден конзервативен пратеник, од редовите на тврдото евроскептично крило кај ториевците, во антиевропската партија УКИП на Најџел Фараж.
Премиерот Камерон до тогаш настојува планот кој се подготвува да биде така уреден за да не мора поради него да се преправа Римската спогодба за создавањето на ЕУ (тогаш ЕЕЗ) во делот за слободното движење на луѓето во границите на Унијата.
За Камерон и за неговите конзервативци ќе остане и натаму проблемот како да го запрат силниот полет на Фараж и на УКИП кои сега директно ја загрозуваат Конзервативната партија, посебно во делови од Англија кои важат за силно евроскептични. Владата во Лондон потоа,ќе мора да се избори на европската сцена,да ги увери своите партнери и земјите од ЕУ во исправноста и во потребата од ограничувањето на имиграцијата, за што во Британија се тврди дека веќе не е само британски проблем.
Соопштенето дека британската влада работи на план за да се запре „напливот на имигранти“ доаѓа само 24 часа по острите критики на претседателот на Европската комисија во заминување, Мануел Баросо, за британскиот евроскептицизам.
Тој отворено ги предупреди Британиците на опасноста да се маргинализира нивната глобална и европска улога доколку ја напуштат ЕУ, порачувајќи дека промената на едно од основите правила на Унијата – за слободата на движењето – не може да се преуреди без согласноста на сите други 27 земји-членки.
Денешните лондонски проториевски и евроскептични весници се пресметуваат со Баросо поради неговата отвореност, додека претседавачот на Конзервативната партија го нарече овој европски политичар „неизбран бирократ“ од Брисел.
Поумерените ториевци, сепак, настојуваат да се обезбеди план за ограничување на имигрантите, што ќе може да помине во британскиот Парламент и да се третира само како политичко, а не како правно решение, прифакајќи го на тој начин предупредувањето на Баросо за неможноста и нелегалноста, еднострано, да се менуваат одредбите и правилата од основната европска спогодба.
Опозиционите лабуристи и либералдемократите поддржуваат само ограничено лимитирање на приливот на имигранти од ЕУ, што, пред сѐ, би се однесувало за државјаните од новите членки на Унијата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.