Војвотката од Кембриџ, Кетрин Мидлтон, треба да се породи во април в година, соопшти денеска Кенсингтонската палата во Лондон.
Ова е првпат службено да се потврди датумот на породувањето и времето кога војводата и војвотката од Кембриџ, прицот Вилијам и Кетрин Мидлтон ќе го добијат своето второ дете.
Во соопштението од палатата, која е службена резиденција на војводата и на војвотката, се вели дека Мидлтон и понатаму има проблеми со силното утринско гадење, но лекарите тврдат дека нејзината здравствена положба по забременувањето значително се подобрува.
Кејт Мидлтон денеска првпат се појави во јавноста, по соопштувањето на бременоста, во септември. Таа ќе го придружува својот сопруг, принцот Вилијам, на службениот пречек на претседателот на Сингапур, Тони Тан, кој пристигна во посета на Велика Британија.
Второто дете на Вилијам и Кетрин, ќе биде четвртиот по ред меѓу претендентите на британскиот престол, по престолонаследникот Чарлс, принцот Вилијам, како негов најстар син и по првото дете на војводата и на војвотката од Кембриџ, малиот принц Џорџ, кој се роди во јули минатата година.
Како петти во редот на претедентите на тронот, е помладиот брат на Вилијам, принцот Хари,вториот син на престолонаследникот Чарлс.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.