| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе се продаваат шест детски одморалишта

aleksandar_2609_g11_5

Владата во декември годинава на електронска јавна аукција ќе понуди на продажба шест детски одморалишта кои се во сопственост на државата. Пет од нив и по продажбата треба да ја задржат дејноста туризам, а едно да биде пренаменето во дом за згрижување стари лица.

На продажба се детските одморалишта Ѓуриште во Свети Николе, Шула Мина во Крушево, Суви Лаки кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица, Николиќ во Дојран и Малешево во Берово, кои треба да ја задржат дејноста туризам и поранешното детско одморалиште во Пехчево кое новиот сопственик по купувањето во рок од 24 месеци ќе треба да го пренамени во пензионерски дом.

За таа цел минатата недела Владата објавила оглас во кој се наведени информации за објектите кои се на продажба, како и нивната почетна цена од која ќе почне јавното наддавање.

Одлуката за продажба на детските одморалишта, како што соопшти на денешната прес-конференција владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев, е донесена согласно стратешките определби на Владата за развој на туризмот во Македонија.

– Цениме дека ова е добра можност за остварување деловен потфат од страна на компаниите, бидејќи овие одморалишта во минатото имале препознатлив бренд, кој и ден денес постои. Можеби е избледнет, но, сепак постои. Локалната заедница ги познава како такви, има искуство со практикување ваква дејност и има и обучена работна сила која би можела да биде ангажирана. Тоа е добра основа за реализација на еден квалитетен деловен потфат кој може да донесе и профит за компаниите, но и да отвори нови работни места, што е стратешка цел на Владата – рече Ѓорѓиев.

Ѓорѓиев информираше дека почетната цена на Ѓуриште во Свети Николе, со површина од 1.060 метри квадратни, е околу 57 илјади евра,  на Шула Мина во Крушево, со 1.216 метри квадратни, околу 75 илјади евра, а на Суви Лаки, кое се наоѓа меѓу Берово и Струмица и има 3.445 метри квадратни, околу 170 илјади евра. Детското одморалиште Николиќ во Дојран, кое има 6.082 метри квадратни, ќе се продава со почетна цена од околу 315 илјади евра, а Малешево во Берово, кое има околу 4.000 метри квадратни, со почетна цена од 515 илјади евра. Почетната цена на детското одморалиште во Пехчево кое треба да се пренамени во пензионерски дом изнесува 23.000 евра

Петте дома кои треба да ја задржат дејноста немаат временско ограничување во кое би требало да ги почнат градежните активности. Ѓорѓиев информира дека за нив важат општите законски услови во кој период треба да започнат градежните активности и да се завршат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top