Деновиве повторно се случува епизода од серијата сплетки веќе добро познати од нашата понова историја. Во чувствителни моменти, а со такви Македонија се соочува редовно, ќе се најде некој да направи чекор што, како по правило, ѝ оди на рака на Грција. Таков е и последниот случај со помпезната најава на весникот „Слободен печат“ според кого до крајот на октомври посредникот во грчко-македонскиот спор за името ќе даде нов предлог, при што беа наведени идиотски предлози според кои земјава би се нарекувала „Република Горна Македонија“, јазикот би се нарекувал како „македонски“, а народот како „граѓани на Горна Македонија“.
Со мала ограда на уредништвото на овој медиум, под директна контрола на опозицијата, кој вели дека Нимиц би можел, а не дека ќе даде, тврди нешто што не може да го тврди ниту самиот медијатор. „Слободен печат“ обзнанувајќи го наводниот предлог се повикува на свои неименувани извори. Во оваа пропагандно- политичка операција предводена од Бранко Героски, главниот и одговорен уредник на „Слободен печат“ и на порталот „Плусинфо“, има неколку отворени прашања дури и ако се апстрахирате од политичката конотација на најавата на наводниот предлог на Нимиц. Најинтересно е како се случило токму „Слободен печат“ да ги добие екслузивните информации, но, пред сѐ, како Геровски знае дека Атина се подготвува за нов предлог. Тие што знаат во детали како со години се одвиваат преговорите за името знаат и тоа дека двете страни, и Скопје и Атина, во најтесен можен круг ги држат информациите за нов предлог, а уште помалку луѓе знаат што тој содржи. Оттаму, со оглед на тоа што македонските власти во последниве години од заминувањето на претседателот Црвенковски ни случајно не лицитираа во јавноста со можните предлози, или Героски е на директна врска со Нимиц и генералниот секретар на Обединетите нации или, пак, е дел од кабинетот на Самарас.
Третата опција е најлоша и за Героски и за Македонија. „Слободен печат“ знае дека нема ништо од нов предлог, особено нов предлог каков што беше објавен, но, сепак, го пушти во оптек за да ја стави во тесно македонската страна. Простата логика вели дека доколку Нимиц даде таков предлог, Македонија е во далеку полоша ситуација од Грција по најмалку два од трите главни аспекти на предлогот.
Од октомври има уште речиси две недели, периодот за кој зборува Героски ќе заврши најверојатно без разврска каква што најави неговиот весник, особено откако и Атина и Скопје демантираа дека воопшто добиле некаков предлог или дека имало најава за нова средба.
Целата приказна наликува на сценарио создадено од политички кругови. Прво, грчки медиуми објавија слични информации, а нив се залепи „Слободен печат“, кој тврди дека тоа е негова екслузива, а истите со години се дел од шпекулациите за името по што на крајот грчките медиуми наголемо објавуваат дека медиум близок на македонската опозицијата ги објавил деталите за наводниот предлог. Со тоа, барем во грчката јавност, се гради мислење дека СДСМ, кој преку парите на Сорос директно го контролира весникот „Слободен печат“, би можел да се согласи со еден ваков предлог.
И на крај, централното прашање во оваа приказна. Зошто секогаш кога грчката влада преку своите медиуми и новинари ќе пушти информација којашто е стратешки корисна за Атина, Геровски и неговите медиуми се лепат на неа. Доколку се работи за незнаење и аматеризам, македонските граѓани можеби ќе простат, но ако се работи за смислено сценарио во коешто со знаење учествуваат и македонски актери, а во него се инволвирани и пари и други материјални моменти, тогаш последиците можат да бидат многу потешки особено за совеста на тие што свесно се вклучуваат во игрите на јужниот совест.
Ќе им се извини ли „Слободен печат“, пред сѐ, на своите читатели за објавената инфорамција ако таа не се оствари во предвидениот рок. На поширокиот слој македонски граѓани Героски сигурно нема да им се извини затоа што досега имаше многу случаи кога медиумите под негова контрола со изнесени лаги и шпекулации креираа штетни ситуации во земјава, а извинување од него никогаш не дојде.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.