| четврток, 6 декември 2018 |

Медиумите пристрасни во известувањето за изборите и за инцидентите

Поголем дел од медиумите во земјава за време на изборниот процес ги прекршиле правилата на непристрасно информирање, покажува истражувањето на Високата школа за новинарство. Во еднонеделниот надзор на медиумите, спроведен од Високата школа, анализирани се 257 текста и прилози од кои во 83 е нотирано потпалувачки говор, стереотипизација, политичка пристрасност и демонизација на политичките актери, еднострано известување или, пак, неизвестување за настани, како и кршење на професионалните новинарски стандарди.

– Со истакнување на овие резултати не сакаме да се изрекуваат етички санкции на посочените медиуми, туку да се поттикнат да размислат на негативната улога што може да ја имаат медиумите во дезинтеграцијата на општеството преку известување кое предизвикува стереотипи, предрасуди, поделби, нетолеранција – рече професор Весна Шопар презентирајќи го извештајот.

Влијанието на политиката врз уредништвото на медиумите не само што ја доведува во прашање објективноста на медиумите, туку може да влијае и врз резултатите од изборниот процес. Според странските претставници во земјава, аномалиите на тоа поле мора да бидат надминати, а граѓаните да бидат правилно информирани.

–       Правото на политичарите да пристапат до медиумите не треба да ја ограничи слободата на изразување на новинарите – вели холандската амбасадорка Мариет Схурман.

Во анализата на Високата школа за новинарство биле опфатени 22 медиуми, а учествувале  познати аналитичари со истражувачки тимови.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top