Македонските ракометни првенки в недела ќе ја почнат новата сезона од Лигата на шампионите против еден од најголемите ривали и, сигурно, еден од кандидатите за титулата и оваа година – црногорската гордост Будуќност.
Составот кој ја почна петтата сезона под водство на Драган Аџиќ долго време е најпостојаната и најстабилна екипа од Балканот, која својот врв го доживеа во 2012 година, освојувајќи ја ЛШ. Будуќност тогаш го совлада Ѓер со 27-25 и само поради повеќе постигнати голови на гости (27-29) го крена пехарот првпат во својата историја.
Во тој состав, зaедно со најискусната Бојана Поповиќ, отскокнуваше и Катарина Булатовиќ, десниот бек кој летово се врати во Подгорица по едногодишна авантура во Ѓер и сега ќе биде лидер на тимот.
Тоа е, можеби, единствената особина која недостигаше кај Будуќност и минатата сезона, една ракометарка која ќе се издвојува од останатите и перфектно ќе ги надополни веќе усовршената тимска игра и компактност. Со амбиции да го повтори пласманот во фајналфор, ако може и финалето, Драган Аџиќ ќе ја почне сезоната како голем фаворит во елитното натпреварување.
Веќе бележи 10 пласмани во полуфиналето од ЛШ, почнувајќи од 1985 година, а три од тие остварувања се во последните четири сезони. Слично како и Вардар, Будуќност нема вистинска конкуренција во домашното првенство веќе неколку години. Од 2007 досега ги освои сите титули во првенството и во купот (по осум), а несовладлив е и откако се формира регионалната лига, во 2010 година, со пет пехари.
Минатата сезона Будуќност трипати играше со Вардар и трипати победи. Во регионалната лига со 24-20 во Скопје и со 32-28 во Будуќност и во незаборавното полуфинале од ЛШ, со 22-20 по продолженија. Четвртиот меч се игра в недела, во салата „Морача“, во 19 часот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.