| четврток, 6 декември 2018 |

В петок голем музички концерт во паркот Шопен

24008DC2308A8219C3449FDEC5DОпштина Кисела Вода утре организира свечено чествување на музичкиот великан Фредерик Шопен. По повод 165 години од смртта на овој музичар, општината ги кани сите да дојдат во паркот Шопен, каде што ќе можат да уживаат во едно културно доживување инспирирано од овој уметник.

На настанот на кој свое обраќање ќе имаат градоначалникот на општина Кисела Вода Билјана Беличанец-Алексиќ и амбасадорот на Република Полска во Република Македонија Јацек Мултановски, свое музичко претставување пред публиката ќе има триото „Виварт“. Ова камерно трио, во состав Билјана Петровска (пијано), Милена Тодороска (виолина) и Петар Колевски (кларинет, саксофон), зад себе има богата биографија, во која се забележани повеќе концертни настапи во државава. Познато е по својот карактеристичен звук и тонска боја, која доаѓа преку специфичниот спој на нивните инструменти и аранжманите што се специјално направени за овој состав. Ова трио пред публиката во паркот Шопен, в петок ќе се претстави со музички избор од делата на Шопен.

Овој настан е уште еден чекор напред во и така добрата соработка што општина Кисела Вода ја има со Република Полска.

Кисела Вода е единствената општина во Македонија, во која една улица е именувана по овој светски музичар, а во 2010 година во рамките на прославата на 200-годишнината од раѓањето на овој полски композитор, беше отворен и паркот Шопен, во кој и ќе се одвива петочниот настан.

Големото културно случување во паркот Шопен ќе почне во 12 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top