На денешниот Светски ден на гладта децата во земјава собираа храна и испраќаа пораки до гладните деца во светот. Тие им помагаа на, како што велат, своите другарчиња кои немаат храна.
По повод 16 октомври, Светски ден на гладта, големи количини храна денеска донираа во Црвениот крст децата од градинката „Кочо Рацин“, од каде потоа таа ќе им биде дистрибуирана на луѓето на кои им е потребна.
На одбележувањето на Светскиот ден на гладта пред Спомен куќата на Мајка Тереза, Марина Матевска, стручен соработник за социјално хуманитарна дејност од Црвениот крст на Град Скопје, изјави дека традиционално зборуваат за проблемите со кои се соочуваат луѓето во ризик, луѓето кои се сиромашни, но и воедно поттикнуваат во заедницата да се донира, да се биде солидарен, да се помогне на каков било можен начин.
Децата од градинката „Кочо Рацин“ цртаа на темата „Црвен крст, солидарност, хуманост“ и пееја песнички.
фото: Ѓ. Личовски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.