| четврток, 6 декември 2018 |

Путин: Обама има непријателско однесување кон Русија

Рускиот претседател Владимир Путин во интервју за српскиот весник „Политика“ го обвини американскиот претседател Барак Обама за непријателско однесување кон Русија.

barak-obama-vladimir-putin-1354923132-238819

Во интервјуто објавено во пресрет на официјалната посета на Путин на Белград, рускиот претседател ги предупреди САД и нивните сојузници за опасносните што ги кријат обидите за уценување на Русија за стратегиската стабилност во светот.

Путин се повика на говор на Обама пред Генералото собрание на Обединетите нации, во кој американскиот претседател како една од најголемите глобални закани ја посочи агресијата на Русија во Европа, имајќи ја предвид украинската криза.

– Доколку на тие изјави ги додадеме санкциите против важни цели на нашата економија, воведени од САД и нивните западни сојузници, не би можеле да го одредиме тоа однесување поинаку, отколку како непријателско, рече Путин.

Тој инсистира САД и нивните сојузници да обрнат внимание на интересите на Москва, а не само да вршат притисок врз неа. Путин додаде дека во тој случај Русија би била отворена за помирување.

– Ние сме подготвени да водиме суштински дијалог, заснован на принципите на еднаквност и сериозно почитување на интересите на другата страна – додаде рускиот претседател.

– Се надеваме дека нашите партнери ќе ја сфатат бесмисленоста на обидите за изнудување на Русија и ќе проценат какви се можните последици за стратегиската стабилност во светот доколку дојде до конфликт меѓу две нуклеарни сили – истакна Путин во интервјуто.

Тој ги обвини САД дека ја предизикале кризата во Украина, а потоа одговорноста за тоа ја препишале на Русија.

– Вашингтон активно го поддржуваше Мајданот, протестната кампања против украинскиот претседател Виктор Јанукович и почна да ја обвинува Русија, кога неговите приврзаници  во Киев со жестокиот национализам го свртеа против себе поголемиот дел од Украина и ја турнаа земјата во граѓанска војна – рече Путин.

Тој истакна дека транзитот на рускиот гас за Европа преку Украина останува проблематичен и оти за решавање на тоа прашање би требало да се користат алтернативни патишта, како што е планираниот гасовод „Јужен тек“.

Путин посочи дека реализацијата на проектот „Јужен тек“ се очекува на Србија да ѝ донесе преку две милијарди евра нови инвестиции и да ја зголеми енергетската безбедност на земјата.

– „Јужен тек“ значително ќе придонесе за засилување на енергетската безбедност во Европа. Тоа ќе биде од корист за сите, како за Русија, така и за европските корисници, меѓу кои и Србија – додаде рускиот претседател.

Путин пристигнува денеска во Србија на одбележување на 70-годишнината од ослободувањето на Белград од фашистичката окупација со операцијата на советските и југословенските сили.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top