Неколку десетици адвокати денеска протестираа пред зградата на Владата во Белград поради неисполнетите барања поврзани со зголемените надлежности на нотарите. Протестот беше наречен „час на молкот“.
– Адвокатите ќе го повторуваат протестот на молкот се додека не се исполнат нивните барања. Ако нам, адвокатите, може без борба да ни се земе нешто, утре на народот може да му се земе се, изјави адвокатот од Белград, Душан Братиќ.
Српските адвокати протестираат повеќе од еден месец што во голем степен ја блокира работата на правосудните органи.
Адвокатите оценуваат дека нивната професија е загрозена поради новиот закон за нотарски услуги, со кој се зголемени надлежностите на нотарите. Тие протестираат и поради висината на данокот што треба да го плаќаат.
Белградските адвокати штрајкуваа и 15 дена на почетокот од летото – од 18 јуни до 2 јули, кога беше договорено да се формира владина комисија која ќе ги разгледа нивните барања. Но, бидејќи комисијате не беше формирана, адвокатите од цела Србија на 10 септември го обновија штрајкот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


