Поранешниот српски премиер и основач и долгогодишен лидер на Демократската партија на Србија (ДСС), Воислав Коштуница, денеска соопшти дека ја напушта партијата.
Во писменото соопштение за медиумите Коштуница потсетува дека пред половина година ја напуштил лидерската позиција на ДСС поради поразот на парламентарните избори од 16 март и дека се повлекол од политичкиот живот.
Коштуница истакна дека партијата отстапила од својот основен принцип за политичка неутралност на Србија и од ставот дека земјата, соработувајќи со сите, во ниту еден случај не треба да стане членка на Европската унија.
Поранешниот лидер на ДСС им заблагодари на сите пријатели, кои со него се бореле за идеите во чие име била формирана и дејствувала партијата.
На предвремените парламентарни избори во март, Демократската партија на Србија освои 4,24 проценти од гласовите и не влезе во Парламентот.
Веднаш по изборите Коштуница, инаку поранешен претседател на СР Југославија и премиер на Србија во два мандата, поднесе оставка од лидерската позиција во партијата, која ја формира во 1992 година, и со тоа практично се повлече од политичката сцена во земјата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



