| четврток, 6 декември 2018 |

Заврши снимањето на „Три дена во септември“

tri dena vo septemvri

Денеска, во раните утрински часови, беше удрена последната клапа на „Три дена во септември“, дебитантскиот игран филм на режисерот Даријан Пејовски.

Филмот, замислен како психолошки трилер, е пред сѐ студија на два карактери кои преку меѓусебниот однос ги разоткриваат своите тајни и трауми. Главните ликови, Јана и Марика, се запознаваат во воз и за необично кратко време се зближуваат. Одат заедно на село, во изолиран планински крај кој крие случувања од минатото на Јана. Времето минува бавно и тензично, а сомнежот за нивните вистински намери е сѐ посилен. Една по една, тајните се откриваат. Двете жени немаат друг излез освен да си помогнат секоја од нив да ја оствари својата вистинска цел.

tri dena vo septemvri1

Сценариото за филмот го напишаа Даријан Пејовски и Игор Иванов, директор на фотографија е Димо Попов, сценограф е Снежана Поњавиќ‐Муча, костимографијата е на Емилија Ивановска‐Атанасовска, а шминка на Симона Ристевска. Продуцент на филмот е Томи Салковски, а копродуцент Валон Бајгора. Улогите ги толкуваат Ирена Ристиќ, Камка Тоциновски, Адем Карага, Салаетин Билал, Милица Стојанова, Кирил Коруновски, Александар Микиќ, Горан Трифуновски, Фатос Кријезиу, Ментор Зимберај, Блерим Черичи.

tri dena vo septemvri2

Екипата, која посветено и неуморно работеше изминативе дваесет дена за да ги исполни очекувањата поставени од режисерот и продукцијата, беше составена од искусни професионалци, како и млади енергични филмаџии од двете земји копродуценти.

„Три дена во септември“ е копродукција помеѓу „Скопје филм студио“ од Македонија и „Иконе студио“ од Косово, а проектот беше поддржан од страна на Агенцијата за филм на РМ и Косовскиот филмски центар. Снимањето го помогнаа и други институции од земјава, со што овозможија негово успешно комплетирање во согласност со поставените планови.

Од „Скопје филм студио“ најавуваат дека „Три дена во септември“ ќе го видиме на големото платно следната година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top