На сцената на Словенско народно гледалишче во Љубљана, Словенија, в четврток, на 16 октомври ќе се одржи премиерата на Figurea Veneris Historiae, новата драма на Горан Стефановски, а во режија на Александар Поповски.
– Темата на пиесата е дека љубовта е невозможна во светот на политика. Таа ја прикажува историјата како масовна човечка оргија, баханалија. Војната е средство со кое историјата и човештвото меѓусебно се силуваат. Жанрот на пиесата е трагична фарса. Истовремено е трагично и комично да се гледа како луѓето, според Џојс, се обидуваат да се разбудат од кошмарот на историјата… А, и ако успееме да ја растераме таа срамна хипноза, дали ќе се засрамиме – прашува драматургот Стефановски во предговорот на претставата.
Драмата е напишана по нарачка на Словенско народно гледалишче.
– Оваа година се навршуваат сто години од Првата светска војна, една од најсуровите катастрофи и кланици во човечката историја, во која 16 милиони луѓе ги загубија животите, а 20 милиони беа ранети. Војната е масовно и организирано насилство, круна на политичката патологија и перверзија на историјата. Уште од најрани младешки години бев фасциниран со книгата „Сексуалната историја на Првата светска војна“ (Sitten Geschichte des Weltkrieges) од Магнус Хиршфелд, објавена во Берлин во 1931 година. Тоа е социополитичка критика, во два големи тома, со црвен платнен повез, кои ги најдов во библиотеката на татко ми. Беа на германски и не можев да ги прочитам, но затоа со возбуда ги гледав многуте илустрации – експресионистички цртежи на Георг Грос и Ото Дикс, вулгарни војнички разгледници, пропагандни постери, фотографии на инвалиди и проститутки, многу крв, месо, кич и ужас – пишува натаму Стефановски.
Магнус Хиршфелд (1858-1935) е писател кој објавил повеќе од 500 наслови на теми за сексуалност, здравје, политика, морал и историја на расизмот. Во 1919 година во атмосфера на Берлинската Вајмарска Република, Хиршфелд основал Институт за сексуална наука. Институтот имал голема библиотека и архива, во него се одржувале јавни предавања и медицински консултации. Како Евреин и хомосексуалец, кој пропагира прогресивни идеи, Хиршфелд бил цел на нацистите, често физички напаѓан и тешкоповредуван. Во 1928 година тој учествувал во Светската лига за родова реформа. Во 1930 година Хиршфелд тргнува на долга турнеја во САД и околу светот. Во 1933 година нацистите го уништуваат неговиот Институт и јавно ги палат библиотеката и архивот. На Хиршфелд му е одземено германското државјанство. Умрел во Ница во 1935 година.
Книгата на Хиршфелд му послужила на Стефановски како инспирација за драма.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.