Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денска застана во одбрана на ставот на Анкара да не интервенира воено против џихадистите во Сирија и Ирак, обвинувајќи дека „нови Лоренси од Арабија“ сакаат да ја дестабилизираат Турција.
– Пред сто години имаше некои се кренаа против Османлиската Империја, а тие постојат и денес. Лоренс беше англиски шпион, преправен како Арап. Денес шпионите се оние кои ја предаваат сопствената земја, истакна Ердоган во својот говор на Универзитетот Мармара во Истанбул.
И покрај притисокот од сојузниците, турската Влада одби да учествува во воените операции на меѓународната коалиција, предводена од САД, против џихадистите, стравувајќи дека тоа може да го зајакне режимот во Дамаск, за чие соборување се залага Анкара.
– Денес постојат нови Лоренси, кои се преправени во новинари, верски лица, писатели и терористи, кои се кријат зад слободата на медиумите, војната за независност или џихадот, нагласи Ердоган.
Воздаржаниот став на турската Влада минатата недела довдед до бурни протести во Турција на млади курдски активисти, блиски до Курдската работничка партија (ПКК), при што загинаа 34 лица.
„Лоренс од Арабија“ е прекар на британскиот полковник Томас Едвард Лоренс, кој важи за лидер на арапскиот бунт против Османлиската Империја во 1918 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



