| четврток, 6 декември 2018 |

Ирачките христијани во страв од налетот на Исламската држава

Додека светот е фокусиран на Кобане, борците на Исламската држава ја продолжуваат кампањата против малцинствата во Ирак. Во древното село Ал Кош, група слабо вооружени христијани се борат за опстанок.

Kurdish-Islamic State conflict Kobane

Мрајма Мансур, кој ја предводи ноќната патрола на асириските христијански борци во градот Ал Кош, делува нервозно. Во појасот носи нож, а неговите големи зелени очи се закрвавени. Околу него седат неговите луѓе, со оружјето спуштено околу нозете и пијат сладок чај. Говорат за предавство. Кога курдските пешмерга-борци се повлекоа за време на нападите на Исламската држава врз христијанските села на почетокот на август, Мрајма и неговите луѓе останаа, не знаејќи дали и Ал Кош ќе биде нападнат. Силите на ИД беа само неколку километри на југ. Речиси сите жители избегаа, стравувајќи од најлошото.

„Имавме 70-80 луѓе кои останаа и стражареа на планината. Тие беа од различни партии. Се плашевме дека крадците ќе дојдат“, вели Мансур.

Ал Кош, асириско христијанско гратче со околу 6 илјади жители, се издигнува високо над долината Нинава. Некои семејства сега претпазливо се враќаат, а пешмерга-борците полека ги одбиваат силите на ИД на фронтот кој се наоѓа на околу 15 километри. Само попладневното ѕвоно на камбаната и понекое возило го нарушуваат попладневниот мир. Манастирот Рабан Хормзид од 7. век, сместен во карпите над градот, е затворен поради безбедносната состојба.

Курдите – единствени заштитници

Во градот владее вознемиреност. Неколкуте контролни пунктови на пешмерга се‘ уште се активни на патот кој го поврзува Ал Кош со фронтот до градот Тел Искоф. Мрајма забележал дека Курдите се повлекуваат од своите пунктови. „Видов тенкови и возила како се повлекуваат од Тел Искоф. Веднаш им кажавме на нашите семејства да си одат бидејќи не е безбедно“.

Сега останува на христијанските борци, кои се облечени во маскирни униформи и возат стари возила, да ги одбранат своите огништа, иако се свесни дека не можат да им се спротивстават на борците на ИД.

„Кога ќе забележам дека Курдите се повлекуваат тоа значи дека ИД доаѓа. Доколку не‘ напуштат не знам што ќе правиме? ИД ќе не‘ убие и без оружје“, вели Мансур.

Хемин Хаврами, кој раководи со бирото за надворешни работи на Демократската партија на Курдистан, вели дека пешмерга не можат да и‘ се спротивстават на ИД. Во моментов има околу 100 борци на Асириското демократско движење и околу две илјади доброволци подготвени за борба, како и борци кои се приклучени кон различни христијански фракции.

Ѓаконот во локалната црква Св. Ѓорѓи, Вадах Сабих ни пријде додека се читаа молитви на древниот асириски јазик (дијалект на арамејскиот, н.з.). „Многу го браневме Ал Кош од различни непријатели низ вековите. Но, сега е невозможно да се одбраниме“, продолжи Сабих со шепот.„ Ни армијата не може да и‘ се спротивстави на ИД, па како ќе може едно мало село?“.

Повеќе на Дојче веле

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top