Неполн месец откако беше изгласан и воведен новиот правилник за исхрана во детските градинки во Македонија, децата различно ги прифаќаат промените во менито. Со новиот правилник за исхрана се исфрлија паштетите, преработките од месо и маргаринот на сметка на поздрава и поквалитетна исхрана, а со цел да се научат децата на здрави навики во исхраната. Засега, промените се прифаќаат, а за дел е потребно и време да се навикнат децата. Во некои градинки уште се претпочита белиот леб на сметка на црниот , јуфките од бело брашно уште се повкусни од тие од интегрално, но здравите навики се здобиваат токму во оваа, најмала возраст и потоа стануваат начин на живот.
Сите градинки во Македонија задолжително на децата треба да им нудат храна според новата листа што беше објавена во „Службен весник“. Во правилникот пишува дека на менито во градинките не смее ниту да замириса на маргарин, бело брашно, разни кремови од чоколада или наполитанки, крем-банани.
– Во најголем дел промените се прифаќаат , но во зависност од регионот и реакциите се различни. Интегралното жито и таканаречените „мусли производи“ во градинките од источниот дел не се прифатени во целост. Интегралните јуфки се понеприфатени од јуфките подготвени од бело брашно, а во дел од градинки и црниот леб не е прифатен во целост. Оброкот од чоколаден крем го бараат да се вклучи во појадоците. За замена децата ќе добиваат млечен крем, кој почнува да се произведува и кај нас – изјави за „Република“ Ѓорги Симовски, нутриционист во Министерството за труд и за социјална политика.
Новата месечна листа на планирани јадења за сезона есен-зима, поточно за месеците октомври, ноември и декември 2014 година, е прифатена и усвоена од страна на работната група за изработување менијата и подготовка на оброците во детските градинки и таа е веќе доставена до детските градинки.
Првиот правилник за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на детски градинки од страна на министерот за труд и социјална политика е донесен во 2005 година. Во 2014 година е донесен нов Правилник за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца, а во меѓувреме се извршени две измени и дополнувања на правилникот.
Правилникот за стандардите и нормативите за вршење на дејноста на установите за деца е обврзувачки и без исклучок треба да се применува во сите установи. Според правилниот, точно се одредени дневните потреби на внесување белковини, масти и јаглеродни хидрати.
– Една од поголемите промени што се предвидуваат со новиот правилник е замена на белите печива со интегрални житни растенија, потоа дневно на менито пред децата треба да има месо, риба и јајца, млеко, јогурт, сирење, кашкавал и изварка. Од масла се дозволени само масло од сончоглед, сусам, маслинки, тиква и путер, а замена за бел шеќер се кафениот и медот. Се разбира, сите други витамини и минерали ќе ги внесуваат преку свеж зеленчук и овошје. Децата што во градинка ќе престојуваат во целодневен престој ќе им бидат понудени четири оброци, со шест часа во градинка им следуваат три оброка и ако детето е помалку од четири часа, со скратена програма, ќе му биде понуден еден оброк. Кондиторските производи од шеќери не се предвидени во новите листи на јадења. Преработките од месо комплетно се изоставени од детската исхрана. За сите деца е воведена прва претпладневна ужина, која треба да се состои од овошје или преработки од овошје во комбинација со зеленчук. Со ручекот децата треба да добиваат салата од зеленчук, кој ќе се планира во согласност со сезоната – објаснува Симовски.
Правилно е да учествуваат седумте групи прехранбени производи предвидени со нормативите за исхрана на децата во детските градинки, и тоа: млеко и преработки од млеко, месо и преработки од месо, риба и јајца. Потоа, житни растенија и преработки од жито, односно брашно. Шеќерите се многу важни, а детето ги прима преку мед и кафен шеќер.
Маја Лазаревска, мајка и родител, една од амбасадорите на Фондацијата на Џејми Оливер за здрава храна ги поздравува промените во исхраната во градинките. Таа на денот на Револуција во исхраната во скопската градинка „Срничка“, пролетта заедно со децата готвеа еден од рецептите на познатиот готвач Џејми Оливер. Уште тогаш се говореше и за „здравите корнери“ во градинките и во училиштата. Лазаревска, освен во градинката „Срничка“ готвеше и со децата од едно скопско основно училиште, се со цел за подигање на свеста за децата и учење на здрави навики во исхраната.
– Измените во правилникот, како и воведување на унифицирани менија за сите градинки е измена што лично многу ме израдува. Секако дека секогаш може да се стремиме кон уште поголеми и подобри промени, но оваа промена треба сите да ја поздравиме бидејки значително ја подобруваат исхраната која се служи во градинките. Новиот правилник јасно дефинира како секој оброк треба да се готви, како и јасно го дефинира соодносот на нутритивните вредности. Ваквите измени се соогласно препораките за исхрана на децата од педијатрите како и светската здравствена организација. Она што посебно ме радува се унифицираните предлог менија кои МТСП ќе ги понуди на градинките, па сите деца во сите градови ќе добиваат иста храна која е испланирана од стручно лице-нутриционист. Дополнително според правилникот се воведуваат задолжителни свежи ужини што верувам дека ќе влијае на општиот имунитет на децата посебно бидејки според правилникот индустриските преработки се сведени на минимум. Секоја промена на подобро е за поздравување, и така сите родители треба да ја дочекаме, резултатите од истата сигурна сум дека ќе ги почувствуваме на нашите деца наскоро. Како мајка на дете кое од годинава влезе во образовниот систем како прваче се надевам дека ваквите тенденции и подобрувања ќе бидат имплементирани и во училишните кујни – изјави Лазаревска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.