Според новата анкета на „Квинипак“, мнозинството испитаници го оцениле Барак Обама како најлошиот претседател во последните 70 години – полош дури и од Ричард Никсон, кој скандалозно си поднесе оставка. Големо достигнување. Згора на сè, според новата анкета на „Галуп“, довербата во функцијата претседател, која беше 51 процент кога Обама ја презеде функцијата, денес е само 29 проценти (четири проценти помалку од Буш во истиот временски период од неговото претседателствување). Има два начина како претседателот може да си го уништи рејтингот: ако донесува тешки одлуки, кои се неславни, но исправни, или ако, навистина, многу лошо ја врши својата работа. Историјата ќе ги оправда тие во првата категорија, но за вторите само ќе потврди дека осудите од страна на гласачите во тоа време биле оправдани.
Хари Труман си замина од претседателската функција како еден од најнеславните претседатели во американската историја, со рејтинг од само 22 процента во последната година од мандатот. Но, благодарение на одлуките што ги донесе – Берлинскиот воздушен мост, Маршаловиот план, Трумановата доктрина и испраќањето трупи на САД во Кореја – сега се смета за еден од најдобрите претседатели на 20 век. За разлика од него, за време на мандатот на Џими Картер се случија низа катастрофи и дома, и на надворешен план – од заложничката криза во Иран и советската инвазија на Авганистан, па сè до гасоводите и стагфлацијата, па така, тој сè уште важи за еден од најлошите претседатели.
Прашањето сега е дали Обама ќе заврши како Труман или ка-ко Картер.
Засега повеќе потсетува на Картер. Претседателствувањето на Обама е проследено со низа катастрофи, како неуспехот да повлече црвена линија во Сирија, ослободувањето на пет талибански лидери од заливот Гвантанамо, руската инвазија и отцепувањето на Крим, имплозијата на Ирак – светот гори, а надворешната политика на Обама е парчосана, кои прават дури и Картер да изгледа компетентен. Доколку Обама се држи до планот за повлекување од Авганистан, како што се повлече од Ирак, состојбата на надворешен план дополнително ќе се влоши: кога Обама ќе ја напушти претседателската позиција, исламски радикали ќе ги контролираат засолништата во две земји од каде што ќе можат да планираат нови напади.
На домашен терен, последните шест недели изгледаат вака: скандал во одделот за ветерани, поплава од десетици илјади деца без придружба што ја поминуваат границата, епидемија од падови на харддискови во даночната служба откако Конгресот почна да ги истражува нападите врз политичките противници на претседателот, економска контракција од 2,9 проценти во првиот квартал од 2014 година, остри прекорувања од Врховниот суд за назначувањето функционери додека Сенатот е распуштен, како и предлог за контрацепција во рамките на Обамакер. Историјата нема многу за оправдување во таквата серија дебакли.
Обама може да најде утеха во примерите на претседатели, кои, иако биле неславни за време на својот мандати, биле оправдани поради нивните законодавни достигнувања. Линдон Џонсон, на пример, бил толку непопуларен поради Виетнам што решил да не се кандидира вторпат. Сепак, донесувањето на Законот за граѓански права во 1964 година му обезбеди место во историјата.
Единствената надеж на Обама е дека Обамакер ќе го направи истото за неговата оставина. Но, за разлика од Законот за граѓански права, предлогот за Обамакер беше изгласан по партиска линија, без поддршка од мнозинството Американци и врз основа на лага (лажното ветување на претседателот дека Американците ќе можат да ги задржат своите лекари и здравствените планови). Понатаму, Обамакер ветува дека премиите ќе поевтинат и дека новата шема нема да го зголеми дефицитот, што нема реални можности да се исполни. Како што нагласува Чарлс Блахус од „Хувер“, годишните трошоци за Обамакер ќе достигнат 200 милијарди до 2020 година, а некои од механизмите за да се покријат (како Законот за помошни услуги и поддршка на соживот, казни за поединци и за работодавци што нема да понудат или да се придржуваат до здравственото осигурување) беа укинати или одбиени.
Обамакер и понатаму е непопуларен проект. Во мај, 55 проценти биле против овој закон. Обама се надева дека законот ќе доживее таков успех што Американците еден ден ќе се присетат и ќе согледаат дека, сепак, згрешиле што се противеле. Сепак, поверојатно е дека историјата нема да го памети Обамакер како проект што ја спаси оставината на Обама, туку како проект што ја уништи довербата во либералноста на „големата влада“ за цела една генерација.
Според анкетата на „Галуп“ во декември, бројката на тие што сметаат дека „големата влада“ е најголемата закана за земјата, скокна од 55 проценти кога Обама дојде на власт, на 72 процента – највисок процент во педесетте години во кои се врши анкетирањето. Кога некој либерал во следните 25 години ќе предложи некоја нова федерална програма, сè што треба да направат конзервативците за да го оспорат предлогот е да речат: „Тоа е исто како Обамакер“. Е, тоа, несомнено, е оставина, само не таква каква што Обама посакуваше.
Неколку совети за пропаднат претседател
Транскрипт на тајна интервенција од демократите до политичар што е во неволја и не може да си помогне
Драг господин Претседател,
Во име на многумина што ви посакуваат успех, препорачуваме да побарате професионална помош за многу сериозни прашања што нè загрижуваат и нас и други.
Вашиот рејтинг паѓа, демократите во најважните држави се свртеа против вас, а неодамна бевте прогласен за најлош претседател по Втората светска војна – победувајќи ги (ако може така да се каже) и Џими Картер и Ричард Никсон, чиишто имиња се вечен синоним за „неудобност“ и за „Вотергејт“. Под претпоставка дека не ви се допаѓаат изгледите за тоа, предлагаме да се направат мали чекори, почнувајќи со првиот и, веројатно, најважен чекор: признајте дека згрешивте.Можеби мислите дека „Не прави глупости“ е, навистина, соодветен слоган, но зборот „глупост“ ги опишува повеќето ваши постапки откако ја кренавте раката од Библијата во 2009 година. Глупаво беше Владимир Путин да сфати дека не се грижите за Источна Европа; глупаво беше што иранските бунтовници не добија поддршка порано; глупаво беше да се интервенира во Либија, а потоа да се напушти земјата; глупаво беше да не се вооружат сириските бунтовници кога имаа можност да успеат; глупаво беше да се повлече линија во песокот, а потоа да му се дозволи на Башар Асад да ја премине; глупаво беше повлекувањето од Авганистан, и покрај предупредувањата на сите ваши советници; и глупаво беше да се правите слеп за идејата за Исламска држава во Ирак и во Сирија кога лесно можеше да се реши, многу пред да бидат заземени два града за кои гинеа Американци и пред Ирак да биде разглобен.
Кога (на некој начин) ќе се разбудите, ќе видите дека и не било баш паметно да се објави криза, па да кажете дека вистинскиот збор, всушност, бил „неред“, да се каже дека е „војна“, па истото да се негира, да се заколнете дека ќе биде употребена сила, а да се откажете од единственото нешто за кое генералите ќе кажат дека може да ја направи употребата на сила ефективна: присуството на чизмите на терен. Не е за чудење што вашите генерали ви задаваат тежок удар, а поранешните колеги трчаат како луди за да побегнат што подалеку од вашата поранешна пропадната политика. Прво Хилари, потоа ѝ се придружи Леон Панета, а ќе следуваат уште многумина откако ќе им се отворат очите.
Еден од вашите проблеми е одбивноста што ви ја предизвикуваат зборовите „војна“, „копнени сили“, „Ирак“ и „Буш“, што е причината поради кој не презедовте ни најмали мерки да почнете да се искачувате надвор од дупката. Но, вашата аверзија кон употребата на сила досега доведе до точка кога е потребна употреба на уште поголема сила за да се запре уште поголемо касапење. Сега ќе морате пак назад во Ирак бидејќи решивте прерано да си заминете оттаму. А, сè што направивте придонесе Џорџ В. Буш да изгледа уште подобро: народот памети дека тој ги призна своите грешки, ја совлада Ал-Каеда и го остави Ирак стабилен. Народот сега би дал сè за повторно да го има тоа.
Господин Претседател, нè боли да го кажеме ова, но за да си го вратите угледот, морате да го пронајдете Џорџ Буш во вас – не тој Буш од 2004 до 2006 година, туку Буш од Долен Менхетн со мегафонот в рака. Направете го тоа за вас самите, ако не за вашата земја, бидејќи во моментов сте под Бјукенан и Хувер, зашто додека тие не успеаја да се соочат со кризите со кои беа соочени, вие најдовте меѓународен поредок каде што сè уште немаше криза и успеавте да ја влошите ситуацијата. Ако не мислите на себе, помислете на вашите ќерки, кои не заслужуваат сенката на неуспехот да ги следи цел живот.
Направете го тоа за децата, господин Претседател. За вашите деца.
Извори: Вашингтон пост, Вашингтон егзаминер
Превод: Марија Манасиева
(Текст објавен во 109. број на неделникот „Република“, 3.10.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.