Правната држава, економското стабилизирање и реформата на јавната администрација се главните столбови на политиката на проширувањето на ЕУ, пишува еврокомесарот за проширување Штефан Филе во текстот кој беше објавен од „Евроактив“ на словачки јазик.
Филе додава дека пред пет години, кога го презеде ресорот за проширување на ЕУ, најголем предизвик бил да се зголеми кредибилитетот на процесот и повторно да се врати поддршката на граѓаните за процесот на проширување, пренесува дописникот на МИА од Прага.
– Ние имавме потреба да се осигураме дека овој процес ќе носи опипливи резултати во однос на реформите спроведени на локално ниво, наместо да биде прифатен само како „пречкртување“ на завршени задачи, кога овој или оној правен пропис ќе е усогласен со стандардите на ЕУ – вели Филе.
Според Филе, целта не била да се воспостават нови услови, туку сигурност дека земјите кои влегуваат во Унијата се целосно подготвени за членство, како и да се постигне вистинска промена во една земја-кандидат со целосно искористување на трансформирачкиот потенцијал на проширувањето.
– Западен Балкан и Турција пристапија кон структурни реформи врз основа на строги, но фер услови. Тие ги трансформираат нивните економии, ги зајакнуваат демократските институции, ги модернизираат своите судски системи и јавната администрација и се борат против организираниот криминал и корупцијата – пишува Филе за „Евроактив“.
Тој најави дека од следната година на земјите од Западен Балкан ќе им бидат обезбедени подобри насоки во врска со нивните макроекономски, фискални и структурни политики, според моделот на Европскиот семестар.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.