Американскиот претседател Барак Обама е заинтересиран за воспоставување нови односи меѓу САД и Венецуела по смртта на претседателот Уго Чавез.
– Во ова чувствително време САД ја потврдуваат поддршката на народот на Венецуела и својот интерес за развој на конструктивни односи со Владата на Венецуела. Додека Венецуела почнува ново поглавје во својата историја, САД остануваат посветени па политиката на промоција на демократските начела, владеењето на законот и почитувањето на човековите права, пишува во соопштението на Белата куќа.
Во меѓувреме, венецуелските власти прогласија седумдневна жалост, а погребот е закажан за в петок. Поради смртта на венецуелскиот лидер, тридневна жалост е прогласена и во Аргентина и во Куба. Во соопштението на кубанските власти се наведува дека Чавез му бил како син на Фидел Кастро, а претседателката на Бразил, Дилма Русеф, рече дека светот загубил голем Американец со латинско потекло.
– Во многу случаи бразилската влада не се согласуваше со политиката на Чавез, но денес му оддаваме признание како голем лидер и, над сè, голем пријател на Бразил – изјавила Русеф.
Чавез почина вчера попладне по двегодишна борба со ракот. До новите избори, кои законски мора да се одржат во рок од 30 дена, земјата ќе ја предводи потпретседателот Николас Мадуро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.