
Од 1 април следната година лиценци за меѓуопштински и меѓународен линиски превоз ќе можат да добијат само превозници што имаат возила со најмалку Евро 2 еколошки стандард, предвидуваат измените на Законот за превоз во патниот сообраќај што ги усвои на последната седница Владата. Усвоени се и законски измени со кои ќе се овозможи увоз на автобуси и на минибуси со Евро 3 стандард.
– Автобусите со кои се превезуваат патниците ќе мораат да бидат со минимум Евро 2 стандард, односно од април в година нема да се издаваат лиценци за автобуси и за мини-автобуси, кои сакаат да вршат меѓуградски и меѓународен сообраќај доколку имаат возило под тој стандард – рече денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
Министерот за економија Беким Незири информира дека увозот на автобуси со Евро 3 стандард е на барање на здруженијата на превозниците, во насока на развој на транспортот и заштита на животната средина.
– Сите транспортни фирми ќе може да увезуваат автобуси со Евро 3 стандарди, со што Евро 2 и Евро 1 заминуваат во историја. Сметаме дека со воведување на ваква мерка бројката од 348 автобуси со Евро 2 стандард за шест месеци до 1 година ќе се намали, а бројката на автобуси со еуро 3 која моментно изнесува 131 да се зголеми – рече Незири.
Освен што излегуваме во пресрет на транспортните фирми и економијата, додаде, исто така, придонесуваме за заштита на животната средина и на раѓаните особено во Скопје, каде загадувањето може да се зголеми од автобуси со Евро нула, 1 и 2 стандарди.- Со воведување на стандардите Евро 3 очекуваме да придонесеме за заштита на животната средина – рече Незири.
Со мерките за увоз, според Јанакиески, во континуитет се стимулираат превозниците за подбрување на возниот парк со повисоки стандарди.
– Пред две години, кога Владата реши да дозволи увоз на автобуси со Евро 2, како што сега се прави со Евро 3, имало 77 автобуси со Евро 2, а сега има 348, што значи дека голема бројка возила што биле без евростандард ги замениле и купиле Евро два. Со тоа автоматски сме ги стимулирале превозниците да купат Евро 2 возила. Сега за наредниот период велиме дека е доволно со Евро 2 и дека треба да подобриме со Евро 3. Кога ќе има доволен број на возила со Евро 3 стандард тогаш можеме да размислуваме да ги укинеме возилата со Евро 2. Ова е нешто што се прави постепено и во согласност и комуникација со здруженијата на превозници – појасни Јанакиески.
Со законските измени на Законот за превоз во патниот сообраќај, туристичките агенции, во рок од три месеци од усвојувањето, ќе мора да се поврзат на електронскиот систем на автобуските станици и да резервираат карти електронски. – Со тоа не ќе може да се случи една карта да биде двапати продадена и од автобуските станици и од туристичките агенции, укажа Јанакиески.
Во делот од Законот за превозот на стока, пак, се предвидува Царинската управа да почне со контрола на странски превозници од држави со кои Македонија нема билатерални дозволи или дозволи за трети земји. – Доколку немаме слободен превоз на стока од Македонија кон друга земја, доколку се потребни лиценци, сега и странски превозник кога ќе дојде во Македонија ќе се контролира дали има лиценца или не, рече министерот за транспорт.
Новина со измените на Законот за јавни патишта се санкциите за превозниците што ги кршат наплатните рампи на патарините, за што е предвидено трајно одземање на возилото и глоба од 500 евра. Доказ ќе бидат снимките од патарината.
На барање на руралните средини со измените на Законот се овозможува заштитниот појас покрај регионалните и магистралните патишта да не биде помалку од пет метри, наместо досегашните 20. Со оваа одредба, појасни Јанакиески, ќе овозможиме да се легализираат определен број објекти и да се урбанизираат определени подрачја.
Попрецизно се регулира и одобрувањето и поставувањето натписи, реклами, табли и инсталации во заштитниот појас на државните патишта, како и заштитни огради и столбчиња на патиштата во општините и Град Скопје.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Власта преку судот се изживува врз Јанакиески и Божиновски – тврди адвокатот Миланов!
-
Јанакиески и Божиновски во понеделник на јавна седница ќе бараат укинување на притворот
-
Јанакиески: Речните корита во поплавените региони ќе се чистат во летниот период
-
Јанакиески на консултации за вмрежување на земјите од регионот


