
Второто издание на „Џифони Македонија“ почнува вечерва во кино „Милениум“ во Скопје со проекција на филмот „Мафијата убива само на лето“ во 19,30 часот. Филмот раскажува 20-годишна историја на Сицилија од 1970 година до 1990 година, исмевајќи ги шефовите на мафијата и обновувајќи ја дарежливоста на хероите на Антимафијата. Приказната е за Артуро, младо момче што расте во Палермо и пробува да ја освои својата сакана Флора.
Филмскиот фестивал за млади ќе трае од денеска до 12 октомври, а настаните ќе се одвиваат во Кинотека на Македонија, кино „Милениум“, во Младинскиот културен центар (МКЦ).

Дарко Башевски
– Во второто издание на „Џифони Македонија“ имаме многу побогата програма од мината година. Ќе учестуваат околу 600 деца од 10 земји. Децата на работилниците ќе бидат поделени во три групи – изјави Дарко Башевски, директор на Агенцијата за филм на Македонија.
Второто издание е под мотото „Крстопат“.
– И овој октомври сите филмски патишта ќе водат во Скопје. Околу 600 деца на возраст од 10 до 18 години ќе ги вкрстат своите идеи, мислења, емоции и со своето учество ќе бидат дел од уште една незаборавна Џифони прикзна. Освен стандардните филмови, дискусии и работилници, оваа година на зелениот килим ќе прошетаат македонските ѕвезди од областа на филмот, театарот, уметноста – изјави Елена Величковска – Николовска, директорка на Џифони Македонија.
Гости на зелениот килим оваа година се актерите Сашко Коцев, Никола Ристановски и Адриано Валерио, кои ќе одговараат на прашањата на децата.

Елена Величковска – Николовска, директорка на Џифони Македонија
– Бројката на интернационалното жири ќе биде двојно повисока од лани така што Скопје уште еднаш ќе биде сведок на фестивал за млади од светски рамки. Џифони Македонија докажа дека полека но сигурно станува препознатлив и неопходен елемент во нашата култура и бездруго ќе се стреми да го задржи тоа низ годините што следат – додаде Величковска-Николовска.
На 9 октомври, четврток, во Македонскиот народен театар (МНТ) ќе гостува најстарата оперска куќа во Европа, театарот „Сан Карло“ од Неапол. Ансамблот на музичари гостува како дел од програмата на Џифони Македонија со перформанс, омаж на еден од најголемите тенори Енрико Карузо.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


