Министерот за одбрана Зоран Јолевски во Рим се сретна со италијанската министерка за одбрана Роберта Пиноти и сенаторот Никола Латоре, претседател на Комисијата за одбрана во Сенатот на Италија.
Според Министерството, Јолевски ги презентирал аргументите зошто Република Македонија заслужува да биде поканета во НАТО, а се осврнал и на фактот дека Македонија ги исполнува условите за отпочнување преговори за членство во ЕУ. Јолевски посочил дека членството на Македонија, но и на Црна Гора во НАТО ќе придонесат за натамошно зајакнување на стабилноста на целиот регион и на Европа. Како што соопшти МО, на овие средби биле разменети мислења и за развојот на настаните на Блискиот Исток, особено за операциите на ИСИС и потребата за стабилизирање на овој регион. Министерката Пиноти и сенаторот Латоре истакнале дека очекуваат овој конфликт да потрае подолго и ја потенцирале потребата за меѓународна соработка за справување со овој предизвик за безбедноста.
Сенаторот Латоре истакнал дека Италија отсекогаш го поддржувала интегрирањето на регионот, особено на Република Македонија во ЕУ и НАТО. Еден од приоритетите на Италија за време на Претседателството со Европската унија во областа на одбранбената политика, стои во соопштението, е воспоставување европски одбранбени сили и интегрирањето на земјите од Западен Балкан во НАТО и ЕУ.
На средбата, сенаторот посочил дека Италија останува активен поддржувач на аспирациите на Република Македонија да стане членка на Севернотатлантската Алијанса и на Европската унија. Искажал и благодарност за учеството на македонските мировници во ИСАФ мисијата.
Италија ќе продолжи со конкретна поддршка на обуката на припадниците на АРМ и нејзината модернизација, рекол сенаторот на средбата со министерот Јолевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.