![narod[4]](http://republika.mk/wp-content/uploads/2013/02/narod4.jpg)
Eвропската канцеларија за статистика (Евростат) денеска ги објави најновите податоци за бројот на жители што живеат во земјите-членки на ЕУ, но и кај кандидатите за членство и во земјите од ЕФТА. Според податоците на Евростат, на 1 јануари 2014 година, во 28 земји-членки на Унијата живеат точно 507.4 милиони лица, додека во Република Македонија 2,065 милиони.
Во споредба со 1 јануари 2013 година, популацијата е зголемена за 80.000 жители во однос на природниот прираст, како и за 700.000 жители кои се населиле во европските земји.
Во споредба со 2012 година, лани ЕУ имала дури 1,7 милион жители повеќе и она што е интересно е дека овие податоци покажуваат дека популацијата кај земјите во ЕУ се зголемила за дури 100 милиони лица од 1960 година, кога во 28 земји живееле вкупно 407 милиони лица.
Во однос на истата споредба, Македонија е проценето дека имала точно 2.065.800 жители на 1 јануари годинава, што во споредба со истиот период минатата година е за околу 30 илјади жители повеќе. Според податоците на Евростат, во период од една година во нашата земја имало 11,2 новороденчиња на илјада жители, а починале 9,3 лица од илјада. Според проценките, Македонија има околу два проценти прираст на населението (точно 1,9%).
Минатата година, во ЕУ се родиле 5,1 милиони бебиња или по десет на 1.000 жители. Највисока стапка на раѓање е забележана во Ирска (15,0%), потоа Франција (12,3%) и Велика Британија (12,2%), додека најниска имало во Португалија (7,9%), Германија, Грција и Италија (сите по 8,5%).
Од друга страна, минатата година се забележани 5 милиони починати лица во Унијата, односно 9,9 лица на 1.000 жители. Највисока стапка на починати е забележана во Бугарија (14,4%), Летонија (14,3%) и Литванија (14,0%), додека најниска имало на Кипар (6,0%), Ирска (6,5%) и во Луксембург (7,0%). Како резултат на тоа, највисока позитивна природна промена е регистрирана во Ирска (плус 8,5%), следат Кипар (+4,7%), Луксембург (+4,2%), Франција (+3,6%) и Велика Британија (+3,2%).
Но, затоа, пак, во 13 земји-членки на ЕУ имало негативна природна промена со тоа што прва е Бугарија (минус 5,2 отсто), следуваат Летонија (-4,2%), Литванија (-3,9%) и Унгарија (-3,6%).
Во 2013 година, Луксембург (+ 19 проценти), Малта (+7,6%) и Австрија (+6,5%) забележале највисока позитивна нето миграција во релативна смисла, додек Кипар (- 13,9 %), Летонија (-7,1%) и Литванија (-5,7%) имале највисока негативна нето миграција, односно во толкав процент лица ги напуштила овие земји и мигрирале.
Во однос на природна промена и нето миграција заедно, најголемо зголемување на стапката на жители е забележано во Луксембург (+ 4,2 отсто со природна промена и плус 19 отсто со миграција), а најголемо намалување имало во Летонија (- 4,0 % во однос на природен пораст и -7,1 отсто во однос на миграција).
Инаку, пишува МИА, од вкупно 507.416.600 жители во ЕУ забележани на 1 јануари оваа година, најмногу жители кај земјите-членки на Унијата има во Германија (80,7 милиони), следуваат Франција (65,8 милиони), Велика Британија (64,3 милииони) и Италија (60,7 милиони жители). Од друга страна, Малта со 425.400 жители е ЕУ-земја со најмал број на популација, а по неа на овој список следуваат Луксембург (549 илјади), Кипар (858 илјади) и Естонија (1,3 милиони жители).
-Во однос на земјите од поранешна Југославија што уште не се дел од ЕУ, а се опфатени со оваа статистичка операција на Евростат, Црна Гора има 624.300 жители, што е за околу 20 илјади повеќе во однос на 1 јануари минатата година, додека во Србија живеат 7,14 милиони лица или 40 илјади помалку во однос на 2012 година.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


