| четврток, 6 декември 2018 |

Папата Франциск го укина латинскиот јазик

Папата Франциск одлучи латинскиот јазик веќе да не биде службен јазик при светското собирање на бискупите во Ватикан. Оваа одлука е донесена на почетокот на првиот работен ден на двонеделниот Синод, на кој учествуваат повеќе од 200 бискупи од целиот свет и претставува раскинување со минатото, наведува „Ројтерс“.

Како што е соопштено, службен јазик на Синодот ќе биде италијанскиот јазик. Во минатото на таквите состаноци латинскиот бил официјален јазик, кој се појавувал на документите, а и некои од учесниците говореле на тој јазик.

Папата Бенедикт пред две години оформи одделение за промоција на учењето и употреба на латинскиот јазик во римокатоличката црква и пошироко. Кога на 11 февруари 2013 година објави дека се повлекува, папата Бенедикт соопштението го прочита на латински. Собирот на бискупите ќе трае две недели, а на него ќе се расправа за теми како што се семејството, бракот и разводот. Ќе биде преиспитано католичкото учење за семејството што би можело да доведе до промена на ставот на црквата кон бракот, заедничкиот живот и разводот.

Папата во пресрет на почетокот на собирот им се обрати на десетина илјади верници собрани на плоштадот „Св. Петар“ во Рим и ги повика учесниците на Синодот да „го слушнат ритамот на нашето време“ и модерниот живот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top