Република Македонија ќе добие шеста препорака за почеток на преговорите за членство во Европската унија едноподруго, јавува дописникот на МИА од Брисел. Еврокомесарот за проширување на Унијата, Штефан Филе, в среда (8 октомври) ќе ги објави извештаите за напредокот за земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, при што веќе е познато дека за македонската држава по шести пат ќе се препорача да ги отвори пристапните преговори.
Во петокот, на амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во рамки на групата Корепер 2 на Советот на Унијата им се претставени последните нацрт-верзии на извештаите за прогресот, при што е констатирано дека и покрај одредени забележани проблеми во државата, Македонија ќе добие препорака за преговори, бидејќи, генерално, напредувала во усогласувањето на македонското со европското законодавство. Сепак, до среда изутрина е непознато како Еврокомисијата ќе ја услови последната препорака за нашата земја затоа што сака тоа да го направи со цел да влијае да се подобри политичкиот дијалог во Македонија, како еден од клучните услови во рамки на исполнувањето на Копенхашките критериуми.
Но, комесарот Филе и неформалната Влада на ЕУ сакаат да бидат внимателни при формулирањето на условот со цел да не предизвикаат уцени во рамки на македонското политичко општество.
Официјален Брисел е внимателен во однос на тоа како да се подобри политичката клима во Македонија, со оглед на тоа што не дава поддршка на бојкотот на опозициската СДСМ на Собранието, како и на нивниот услов да се вратат во законодавниот дом само ако се направи техничка Влада. Сепак, во Комисијата сакаат да видат функционален парламент што би работел со полн капацитет и токму затоа сакаат да направат притисок во Собранието да ги има сите 123 пратеници и да се нормализира политичкиот дијалог во државата.
Еврокомисијата, исто така, бара начин како целосно да ја префрли топката во дворот на Европскиот совет и во однос на најновата шеста препорака за преговори за Македонија. По пет препораки едноподруго, кои Советот не ги прифати поради ветото на Грција на Самитите, неформалната влада на Унијата сака да го заштити кредибилитетот на процесот на проширување, па настојува да направи последен притисок врз шефовите на државите и на владите на земјите-членки, целата вина за уште едно ново одбивање на препораката за Македонија да биде на товар на Советот.
А, во однос на во извештајот за Република Македонија, генерално се очекува низа негативни забелешки поради застојот во политичкиот живот во земјата, состојбата со слободата на изразувањето и последниот предлог за уставни измени. Затоа, пак, економското водење на земјата, која има втор најголем пораст на домашниот бруто-производ (БДП) во цела Европа, како и генералната економска состојба и потези за подобрување во тој правец во Македонија ќе бидат позитивно оценети.
Објавувањето на извештаите за прогресот в среда, ќе биде и последна голема активност на комесарот Филе во својот ресор, со оглед на тоа што до крајот на месецот и изборот на новиот состав на Колеџот на комесари од страна на Европскиот парламент, Чехот би требало да биде заменет со Австриецот Јоханес Хан, кој ќе биде нов комесар за соседство и за преговори за проширување.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Нова демократија: Нови разговори со Скопје, ако Сириза не успее да го ратификува договорот
-
Столтенберг му ја врачи поканата за почеток на преговорите за НАТО на Заев
-
Ристо Никовски: Почнуваме де факто ужас без крај, ова не е крај на проблемите
-
МД „Илинден“: Власта во Грција недвосмислено кажа дека Македонија може да влезе во ЕУ, но не и „македонизмот“



