| четврток, 6 декември 2018 |

Според несвесни обрасци се избираат љубовните и брачните партнери

заљубени

Иако се вели дека „хемијата“ е пресудна во изборот на партнерот, научниците велат дека, сепак, ја избираме личноста што во тој момент ги задоволува нашите моментни потреби. Па ако се чувствуваме слаби и несигурни, потребен ни е некој што е силен и доминантен, а, можеби, ни е потребен и некој што е млад, привлечен и заводлив – за да си потврдиме прво самите на себе дека и во најдобри (макар средни) години можеме да привлечеме токму таква личност. А ако сме заштитнички настроени, ќе не привлече некој што е слаб и кој во нас ќе ја гледа сета своја сигурност.

Проблематични избори

За ваквите избори не мора да бидеме свесни и најчесто тие така и се случуваат. Дали некогаш сте си рекле дека некој маж ви се допаѓа бидејќи лесно стапува во контакти со другите луѓе, за разлика од вас, која сте затворена и некомуникативна и дека на тој начин полесно ќе комуницирате со другите и ќе си најдете пријатели. Најверојатно – не. И токму затоа колку помалку сме свесни за овој процес на избирање на можните партнери, толку посклони сме на процесот да му придаваме „хемиски“ својства. На некој начин луѓето функционираат како радари – ја испитуваме околината во потрага по некој за кој си мислиме дека би можел да ги задоволи нашите моментни потреби. И за ова воопшто не мора да сме свесни.
Сето тоа може да изгледа и прифатливо, но понекогаш кај некои луѓе ќе нè привлече и проблематична карактеристика што ја имал еден од нашите родители. Тоа може да биде склоноста кон претерана контрола или грижа што ја покажувала нашата мајка или емоционалното студенило што било карактеристично за таткото. И токму така избраната особина на нашиот партнер подоцна речиси сигурно ќе направи големи проблеми во односот.
Понекогаш сакаме да ги повториме старите односи од нашето примарно семејството, дури и тогаш кога токму поради нив сме биле и несреќни. Ако во семејството секогаш сме ги „спасувале“ другите членови кога имале проблеми, можеби ќе одбереме партнер што има слични такви проблеми и му треба некој што ќе му ги решава. Ако, пак, постојано сте се бореле со братот или сестрата за наклоноста од родителите, лесно може да се случи да продолжите да го правите тоа и во љубовните врски, а потоа и во бракот. Најверојатно сите пријатели на вашиот партнер ќе ги доживувате како конкуренција и постојано ќе биете битка за неговата наклоност. Многу често само физички го напуштаме нашето примарно семејство, но со себе во новите односи ја носиме психолошката атмосфера што владееле во него.

Овој пат ќе биде поинаку

Ваквите стари односи понекогаш ги повторуваме со надеж дека овој пат поуспешно ќе се соочиме. Така, ако таткото бил емотивно студен и незаинтересиран, можно е да избереме токму таков партнер со желба да го промениме и од него да направиме топла и грижлива личност. И колкава е шансата да успееме во тоа? Сосема сигурно – никаква!
Често целта е да се избегнат, а не да се повторат проблемите што постоеле во примарното семејство. Па ако вашиот татко ја напуштил вашата мајка и заминал со друга жена, можете несвесно да решите дека никогаш нема да дозволите такво нешто да ви се случи и вам. Затоа ќе избегнувате интензивна блискост со луѓето, па дури и со своите љубовни партнери. На тој начин ќе се сметате заштитени – дури и ако ве напушти нема да бидете многу повредени бидејќи и не сте биле многу приврзани. Или може да изберете за партнер личност што е многу слаба и зависна од вас, па веројатноста дека ќе ве напушти да биде сведена на минимум.
Може да избереме и партнер што ги има особините што ни недостасуваат – на пример, молчалива, тивка личност да избере партнер што е многу зборлест и комуникативен, потоа не многу паметна личност да биде фасцинирана од некој што во нејзините очи изгледа како исклучително интелигентен. Понекогаш не привлекуваат луѓе што можат да задоволат некоја од нашите несвесни потреби – па на некој притаен бунтовник, кој нема храброст да си го искаже бунтот, може да му биде исклучително привлечен некој што отворено и диво се бунтува.
Исто така, може да ни биде привлечен како партнер некој за кого мислиме дека ќе ни задоволи некоја потреба што не ни ја задоволиле родителите. Ако како дете сте имале емотивно ладни и не многу грижливи родители, можно е за партнер да изберете некој што е многу емотивен и е претерано грижлив и на тој начин да се обидете да го надоместите тоа што не сте го имале во детството.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top