Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ) заедно ќе работат на подобрување на квалитетот на животот на децата. Преку повеќе активности ќе ја подигнуваат свеста за важноста на раниот детски развој и отворање на нови центри за ран детски развој во ранливите заедници.
Фондацијата Т-Мобиле за Македонија и УНИЦЕФ имаат иста цел – сакаме да го подобриме квалитетот на животот за децата, особено оние од социјално загрозени средини, и преку ова партнерство планираме да го постигнеме токму тоа, вели Леа Липша, директор на Фондацијата Т-Мобиле за Македонија.
Во Македонија до услугите за ран детски развој имаат пристап само 22 проценти од децата на возраст помеѓу 3 и 5 години. Градинки има во 43 општини, од кои 90 отсто се во урбаните средини. Од децата кои живеат во руралните области само шест отсто учествуваат во програмите за ран детски развој, а од најсиромашните домаќинства во овие програми нема скоро воопшто деца, односно нивната застапеност е 0,3 %.
Преку ова партнерство, кое беше објавено денеска, УНИЦЕФ и Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе работат на надминување на јазот преку едуцирање на родителите и згрижувачите, отворањето нови центри за ран детски развој и подобрување на квалитетот на програмите за учење во градинките.
Планираме да обезбедиме сите деца во Македонија, без оглед на нивното потекло, да добијат еднакви можности за развој на својот полн потенцијал во најважните години од нивниот живот – првите пет. За целосно да се реализира овој проект што е од национален интерес, потребно е да ја мобилизираме целата заедница, вели Шелдон Јет, претставник на УНИЦЕФ, кој додава дека првите пет години од животот се најважни за детскиот развој и имаат долгорочни последици.
Преку овие партнерства, Фондацијата Т-Мобиле за Македонија ќе донира најмалку 50.000 долари за отворање на дополнителни центри. УНИЦЕФ нагласува дека инвестирањето во раниот детски развој има долгорочна полза за целата земја вклучувајќи ја и деловната заедница.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.