Познати и истакнати британски професионалци од светот на модата ќе одржат предавања во рамките на десеттиот Моден викенд Скопје, под името „Современи движења во модата-трендови, продажба и блогирање“, соопштија од Модниот викенд Скопје. Есенското издание на модната недела ќе се одржи од 23 до 27 октомври.
Предавања ќе одржат Роберт Кавел-Кларк, Кендал Робинс и Ребека Рој од Лондон, како и тимот на домашниот моден веб-сајт „Стајлис“, на 25 октомври од 12 до 15 часот во „Станица 26“ во Скопје.
Станува збор за реномирани професионалци од областа на модата, а предавањата се дел од едукативната и бизнис програма на есенското издание на Моден викенд Скопје.
– Роберт Кавел – Кларк ќе предава за профилот на компанијата, нивните искуства со интернационални дизајнери, современи начини на продажба и финансирање на нивниот бизнис. Кавел-Кларк ни гостува со поддршка на Министерството за култура на Р.Македонија. Како програмски менаџер во Британски совет Лондон, Кендал Робинс пред македонската публика ќе говори за работата на Британскиот совет, нивната меѓународна соработка и искуствата со дизајнери од Велика Британија. Робинс води и курира културни настани и изложби низ Блискиот Исток, Северна Африка и Јужна Азија, како и во Обединетото Кралство, а исто така е и советник за меѓународната работа. Во Скопје доаѓа во соработка со Британскиот совет во Македонија – велат од Модниот викенд Скопје.
Во соработка со Британскиот совет во Македонија доаѓа и Ребека Рој која е една од врвните лондонски модни стилисти и креативни консултанти, моден директор на списанието „Дисордер“ (Disorder) и моден уредник за Обединетото Кралство на списанието “Д јунајтед магазин“ (The Untitled Magazine). Таа од 23 до 27 октомври во Скопје ќе одржи работилница наречена „Модно блогирање“ наменета за модни блогери и фотографи, но ќе зборува и за начините на кои дигиталните технологии и друштвените мрежи може да го помогнат развојот и промоцијата на модниот бизнис.
Новинарките Ана Несторовска и Катерина Трајановска од модниот веб-сајт „Стајликс“ ќе зборуваат за „Улогата на интернет-медиумите во македонската модна сцена“ и ќе го споделат своето повеќегодишно искуство како модни новинарки работејќи во различни медиуми на домашната сцена.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.