| четврток, 6 декември 2018 |

„Парон“: Скопје го обезбеди македонскиот јазик во ЕУ

Македонските власти и нивните поддржувачи во Брисел постигнале на официјалната листа на јазици во ЕУ да стои „македонски јазик“ што ја нарушува грчката позиција во пресрет на новата рунда преговори за прашањето за името со посредство на Метју Нимиц.

grcki vesnici

Ова денеска го пишува грчкиот весник „Парон“ потсетувајќи дека иако грчкиот премиер Андонис Самарас на 2 јули во Стразбур, одговарајќи на новинарско прашање рече дека „не знае оти постои македонски јазик“, пред неколку дена „на преработената веб-страница на ЕУ (http://publications.europa.eu/code/pdf/370000en.htm#langues) на официјалниот список на јазиците на земјите кандидати се појави ’македонски’ со словенски изговор“.

-Грчката страна претходните години со своите интервенции постојано ги спречуваше обидите за ’македонски’ јазик, затоа што тоа прашање е директно поврзано со прашањето за идентитетот и е составен дел на ’македонизмот’ –  пишува „Парон“.

Весникот исто така додава дека и покрај тоа што во официјалните документи на Европската унија нашата земја е заведена со привремената референца ПЈРМ, сепак, пред валутата што се користи во нашата земја-денар, стои ознаката МКД, која, како што нагласува „Парон“, исто така упатува на „Македонија“.

Потсетувајќи што се се случуваше изминатиот период во грчко-македонските односи, весникот на крајот информира дека „двете страни сега ја чекаат посетата на Метју Нимиц на регионот, но не е познато дали ќе има нови предлози или тој само ќе одржи уште една редовна и формална средба со преговарачите на двете земји“, како што е пракса на секои шест месеци.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top