Американскиот потпретседател Џозеф Бајден му се извини вчера на турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган, поради неговата изјава дека шефот на турската држава наводно признал дека Турција им дозволила на странски борци да ја преминат границата и да влезат во Сирија.
Бајден му се извини на Ердоган во телефонски разговор, соопшти Белата куќа.
– Потпретседателот се извини поради било какви назнаки дека Турција или некој друг сојузник на САД во регионот намерно ги снабдувал или ги зајакнувал групата Исламска држава (ИД) или други насилни екстремисти во Сирија, соопшти Белата куќа.
Бајден претходно вчера, во говор на Универзитетот Харвард, истакна дека Ердоган му рекол оти Турција „пуштила премногу луѓе да поминат и сега се обидуваат да ја затворат својата граница“.
Веднаш потоа Ердоган категорично демантираше дека изјавил такво нешто, додавајќи дека доколку Бајден навистина го кажал тоа „тогаш мора да им се извини“.
– Странски борци никогаш не влегле во Сирија од наша страна. Тие може да дошле во нашата земја како туристи и да преминале во Сирија, но никој не може да каже дека тие преминале со оружје, потенцира турскиот претседател.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


