| четврток, 6 декември 2018 |

Правилата на работење го поттикнуваат бизнисот

Најголем раст во економијата има градежниот сектор. Последниот квартал приматот на носечка гранка во растот на БДП го презеде потрошувачкиот сектор, но и тоа се должи на експанзијата на градежништвото. Во овој сектор се вработени десетици илјади луѓе, а платите последниот период се зголемени. Тие пари се трошат, што, пак, ја зголемува потрошувачката. Бизнисмените очекуваат растот на градежништвото да продолжи и во иднина

Македонската економија забрзано расте, а најголем удел во тоа има градежниот сектор кој последните години бележи најголем раст во однос на другите сектори. Во времето на економската криза, додека другите земји тонеа, нашата економија остана на површина и брзо почна да се издига. Големите економисти велат дека кризата најдобро се надминува со инвестиции, а токму тоа го практикуваше Владата која со инвестиции во градежништвото и во инфраструктурата успеа да ја исполни својата мисија да му помогне на бизнисот да ги преживее тешките денови. Резултатите беа повеќе од видливи, а најдобар илустратор е растот на БДП. Сѐ на сѐ, градежништвото има иднина, и тоа светла.

– Најголем раст во економијата има градежниот сектор. Последниот квартал приматот на носечка гранка во растот на БДП го презеде потрошувачкиот сектор, но и тоа се должи на експанзијата на градежништвото. Ние имаме вработено десетици илјади луѓе кои работат во овој сектор, а платите последниот период се зголемени. Пазарот ни наложува да ги коригираме платите со зголемување и да ги адаптираме кон пазарот. Тие пари се трошат, што, пак, ја зголемува потрошувачката. Градежништвото растеше досега, а негов раст се очекува и во иднина бидејќи програмата на партијата на власт за наредните четири години предвидува обемни инфраструктурни зафати, кои ќе овозможат натамошен раст и на градежниците и на БДП. Не знам дали ќе можеме да сработиме и 70 отсто од тоа што е планирано бидејќи се работи за оптимистички и обемни планови – вели првиот човек на Градежната комора при Сојузот на стопанските комори и генерален директор на „Трансмет“, Сеад Кочан.

Според него, оваа гарнитура на власт создала и воспоставила правила на игра што не постоеле претходно.

– Воведен е систем на јавни набавки. Значи, сите имаат шанса да се појават на пазарот, да учествуваат на тендери, да добиваат проекти, да им покажат на инвеститорите и на јавноста колку и како можат да сработат. А, ако добро се изработи добиениот проект, секој ќе дознае за вас и ќе почнат да ве бараат. Преку јавните набавки се отвора шанса секој да се пласира на пазарот со квалитет и со чесност, а не со врски – смета Кочан.

Ekonomija108-2

Според него, во моментов градежништвото е во експанзија, па тоа бара целосна ангажираност од сите инволвирани во тој сектор, така што ретко која од градежните фирми планира да работи надвор од границите на државата.

– Во Македонија во моментов има толку многу работа што ниедна градежна фирма не може да постигне сѐ и бара мобилизација на сите градежници. Токму затоа фокусираноста е кон работењето дома, па засега не се размислува за одење надвор и за учествување на меѓународни тендери. Единствената градежна фирма што излезе на надворешниот пазар е „Гранит“, и тоа во Босна и Херцеговина. Останатите фирми засега не размислуваат за работа надвор од државата – нагласува Кочан.

Во рамки на државата, законските рамки овозможуваат фер услови за работење, особено преку новите законски решенија, како што е Законот за финансиска дисциплина. Изминаа 120 дена што беа дадени како краен рок за намирување на побарувањата. Сепак, практиката покажува дека работите на тоа поле се регулираат тешко.

– Со Законот за финансиска дисциплина, очигледно, ќе се создаде ред. Ако ништо друго, сите веќе почнаа да размислуваат за навремено регулирање на обврските. Што значи навремено плаќање. До донесувањето на овој закон сите беа лабави, сите чекаа до последен момент, па дури и да помине рокот за плаќање, за да ги намират своите обврски. Сега веќе сите почнаа да се стегаат и да сфаќаат дека изработеното или земеното треба да се плати за сите субјекти на пазарот да продолжат да работат. Потребни се усогласувања и приспособувања на нас, на менталитетот, на пазарот, на условите, но Законот сета своја сила ќе ја покаже и докаже кога со него ќе бидат опфатени и државните органи. Дури тогаш ќе се добие ефектот што се очекува од воведувањето на финансиската дисциплина – објаснува Кочан.

Ekonomija108-3

Во однос на останатите законски решенија, како што е обврската за задолжителна исплата на К-15 на работниците, претседателот на Градежната комора при ССК смета дека државата повеќе се грижи за работниците отколку за сопствениците.

– Јас сум поборник на тезата дека државата многу повеќе се грижи за работниците отколку за работодавците. Работниците, дел преку синдикатите, дел преку законите, успеваат да ги остварат своите права, додека ние немаме толкави права. Веројатно, државата на тој начин се обидува да им помогне на работниците да ги пронајдат своите афинитети за работа, додека ние ја немаме таа можност. Работиме, и ако не успееме сѐ да изменаџираме како што треба, ќе пропаднеме. Ние како работодавци сме подвластени во тој дел. Значи, земаме работници, ги обучуваме, создаваме врвен кадар и после тие работници си одат, а ние целата процедура на обука треба да ја примениме со други работници. И постојано така. Ние ќе бидеме казнети ако ги повредиме работничките права, ќе бидеме казнети, а работниците секојдневно ги кршат нашите права. И ние ништо не можеме да сториме, нас ниту еден закон не нѐ брани – смета Кочан.

Според него, реалната невработеност во државата изнесува од 7 до 8 проценти.

– Останатите 20 проценти не знам каде се бидејќи компаниите не можат да најдат работници на пазарот. Пуштаме огласи за вработување и никој не се пријавува, или се пријавуваат минимален број луѓе или нема профили што нам ни одговараат. Во такви услови на вклученост во голем број проекти, доведени сме во ситуација да увезуваме работници, најчесто од Хрватска. Кај нас има профили што се образуваат за наши потреби, но кога студент ќе излезе со дипломата, допрва следува негово практично оформување за да можеме да ги исползуваме неговите професионални умешности. На пример, сега треба да се градат мостови и кај нас немаме кадар за тоа бидејќи со години никој во земјава не градел мостови – додава Кочан.

Според него, младите се водат од погрешна филозофија во животот.

– Младите живеат во иднината, не во сегашноста, а упорно не учат од минатото – вели овој млад бизнисмен.

Според него, во пошироки рамки сѐ уште се чувствуваат последиците од светската економска криза.

– Кај нас кризата беше надмината со краткорочни решенија. Со ограничен број средства треба да се преживее моментот. Така треба да се размислува и преживува и на микрониво, на ниво на семејство, и на ниво на држава, бидејќи државата е еден вид големо семејство. Кога е криза, треба да се гледа што поголем број луѓе да имаат корист од ограничените ресурси. Проектот „Скопје 2014“ покажа, и допрва ќе покажува, дека е вистински потег. Од аспект на градежниот сектор е вистински потег. Тоа дава оптимизам и многу е важно и луѓето и бизнисмените да живеат во тој момент на оптимистичко опкружување – вели Кочан.

Тој својата функција како претседател на Градежната комора при Сојузот на стопански комори, која ја извршува од почетокот на формирање на Комората, ја сфаќа многу сериозно и горд е на тоа што го има постигнато за фелата и за градежниот бизнис.

– Функцијата во Градежната комора бара голем ангажман, но истовремено ми дава голема сатисфакција кога ќе се свртам назад и ќе видам што сѐ е постигнато. Преку ССК, градежните компании што се наши членови на вистински начин можат да ги претстават реалните проблеми пред институциите. Значи, не се работи за изложување на проблем на една компанија, тука на 200, колку што членуваат во Градежната комора при ССК. Освен тоа, ние успеавме да ги разбудиме и другите комори, кои по нашето создавање се раздвижија и почнаа да ја работат својата работа – објаснува овој млад бизнисмен кој, освен што раководи со Градежната комора, од 2004 година управува и со семејната фирма „Трансмет“, која е основана од неговиот татко во далечната 1992 година.

 

(Пишува: Александрија Стевковска
Текст објавен во 108. број на неделникот „Република“, 26.09.2014)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top