Пред 19 години на денешен ден беше извршен неуспешен атентат врз првиот претседател на Република Македонија, Киро Глигоров. Тој го преживеа атентатот со тешки повреди во главата. На местото на атентатот загина неговиот возач Александар Спировски, а беше повреден телохранителот на Глигоров, Илчо Теовски. Како последица од повредите почина и случајниот минувач Христо Христоманов, а беа повредени и Климе Коробар и Јован Атанасовски.
Нападот беше извршен со автомобил-бомба на 3 октомври 1995 година во 9:50 часот на улицата „Македонија“ пред хотелот „Бристол“ во Скопје кога Глигоров со службено возило се движеше од неговата резиденција на работното место во Собранието на Република Македонија.Во автомобил „цитроен ами 8“ биле скриени 20 килограми експлозив, кој бил активиран со далечински управувач кога возилото на Глигоров се движеше кон зградата на Собранието. Пред експлозијата службеното возило на претседателот на улицата „Македонија“ го забавило едно „фиќо“.
Во истрагата биле претресени 30.850 возила и прегледани повеќе од 15.000 објекти, легитимирани биле повеќе од 188.000 лица, од кои 19.000 биле претресени. МВР извршило и повеќе информативни разговори со луѓе за кои сметало дека се можни сторители на атентатот, но сите тие биле пуштени по испрашувањата.
Киро Глигоров почина на 1 јануари 2012 година на 94 години.
Од 3 октомври 1995 година, дента кога беше извршен атентатот врз тогашниот претседател Киро Глигоров, се случија неколку мистериозни убиства на лица, кои на разни начини биле поврзани или знаеле важни информации за терористичкиот акт.
Дневниот весник „Дневник“ во текст под наслов „Мракот ги голта сведоците и информаторите за атентатот врз Глигоров“, напиша: „Последен во низата жртви е еден вработен во МВР, кој неодамна дал изјава за истрагата, а следниот ден неговата сопруга го нашла мртов. Министерството за внатрешни работи не го соопштува идентитетот на лицето вработено во МВР што пред неколку дена дало исказ во врска со атентатот врз претседателот Киро Глигоров и следниот ден било најдено мртво во неговиот дом. МВР не го соопштува ниту случајот ниту пак дали станува збор за убиство, самоубиство или несреќен случај, со образложение дека тоа е контрапродуктивно за истрагата за атентатот.
Информацијата завчера на брифинг ја соопшти министерот Љубе Бошковски. Тој рече дека вработен во МВР пред неколку дена дал исказ во врска со истражните дејства за атентатот врз поранешниот претседател. Следниот ден сопругата го нашла мртов во нивниот дом. Министерот Бошковски не прецизираше дали лицето имало рани од огнено или ладно оружје.
Во февруари 1996 година бил уапсен Наип Лесковица од скопското село Грчец, човекот што му го подари блиндираниот “мерцедес” на Киро Глигоров неколку дена по атентатот. Лесковица, брат на Аслан Нуиши, бил уапсен заедно со уште едно лице и бил брутално претепан од кривопаланечката полиција. Тој бил испрашуван за неговите односи со претставникот на бугарската компанија “Мултигруп” во Скопје, Иво Јанчев, потоа за познанствата со Жељко Ражњатовиќ- Аркан и Петрит Аме. Летото 1996 година Лесковица загинал во “сообраќајна несреќа” на патот Гостивар-Тетово. Со него во автомобилот бил и Петрит Аме, кој во “несреќата” не добил ниту модринка. Како што е веќе познато, пред неколку месеци македонските безбедносни служби пласираа информација дека во февруари годинава припадници на разузнавачката служба од Косово “збуљим-контразбуљим” го убиле Петрит Аме бидејќи неговиот брат Фљамур Аме не им дал откуп за него.
Во април 1996 година Иво Јанчев, претставник на “Мултигруп” во Скопје во времето кога беше извршен атентатот врз Глигоров, сомнително се самоубил во Меѓународниот центар за менаџмент на оваа бугарска компанија во месноста Бистрица близу Софија. Јанчев си го одзел животот неколку дена откако во Скопје била објавена информација за поврзаност на “Мултигруп” со атентатот врз Глигоров. Иво Јанчев бил поранешен бугарски разузнавач и познат коцкар низ сите скопски казина.
Листата на мистериозните убиства, самоубиства и несреќи ја дополнува Драган Гаврилов, инспектор во МВР, кој му бил телохранител на Киро Глигоров. Гаврилов утрото на 5 август 1997 година бил прегазен од патничкиот воз што сообраќал на линијата Кичево-Скопје на мостот на реката Лепенец во населбата Ѓорче Петров. Според тогашните изјави на семејството Гаврилови, две лица дошле во домот на Драган вечерта на 3 август и го одвеле. Тогаш се шпекулираше дека Драган бил претепан и оставен на пругата. Според друга верзија, пак, дека самиот се фрлил под возот и третата шпекулација беше дека Гаврилов невнимателно се движел по пругата и во моментот кога минувал возот локомотивата го удрила бочно.
За време на атентатот Гаврилов бил во автомобил “БМВ”, кој се движел зад “мерцедесот” на Глигоров. Веднаш по одекнувањето на експлозијата Гаврилов го извадил тешко ранетиот претседател од “мерцедесот” и во чаршав го ставил во ” БМВ”-то, чии гуми биле разнесени од детонацијата. Потоа го одвезол во Градската болница.
На 20 февруари 1998 година на падините на Водно во близина на кругот на МВР била најдена мртва Тања Павловска, стенограф во Управата за оперативна техника, во Министерството попозната како петта управа. Павловска имала една огнострелна рана во челото. Било утврдено дека раната била предизвикана од истрел со пиштол од непосредна близина. Официјално случајот за кратко време бил “расветлен”, поточно забошотен, со тоа што полициската екипа што вршела увид констатирала дека станува збор за самоубиство.
Самиот Глигоров подоцна изјави дека добивал закани непосредно пред атентатот, а тоа го потврди и неговиот син, кој во тоа време напиша дека татко му сакал да се спогоди со атентаторите. Сепак, Глигоров никогаш не откри дали навистина знаел кој му се заканувал и кој стои зад атентатот. Ова го потврди и Стојан Андов, тогашен претседател на Собранието на РМ, кој вели дека и МВР знаело за заканите, но не ги испитало.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.