| четврток, 6 декември 2018 |

Првата странска инвестиција во охридско-струшкиот регион „ОДВ електрик“ почна со работа

Германската компанија од областа на автомобилската индустрија „ОДВ еелктрик“ почна со работа во Охрид, објави порталот „Охрид 1“. Во постојната хала  во градот  веќе се работно ангажирани 25 лица, а до крајот на годинава се очекува нивниот број да  биде преку 100. Испораката на првите производи, односно автомобилски кабли  од Македонија, според најавата, ќе биде кон крајот на годинава  или почетокот на наредната.

На прес-конференција, денеска во Охрид, извршниот директор на „ОДВ електрик“ Лудвиг Батон, извршниот директор на „ОДВ електрик“ за Македонија Огнен Цубалевски, градоначалникот  Никола Бакрачески и  директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Виктор Мизо укажаа на начинот и динамиката на реализација на оваа странска инвестиција во Македонија

– Многу сме задоволни од  стручноста  иод  квалификациите на вработените овде во Охрид. Финализиравме некои аспекти со цел,  на овие вработени  да им дадеме поддршка –  рече  Лудвиг Батон директор на „ОДВ електрик“.

Компанијата досега вложи 600.000 евра, а од април идната година  ќе ја гради својата нова хала во технолошко-индустриската развојна зона  во охридско–струшкиот регион. „ОДВ електрик“ ќе вложи дополнителни 4 милиони евра во индустриската зона, а ќе вработи преку 1.000 луѓе од охридско-струшкиот регион.

Ова е првата странска инвестиција во регионот,  која, според градоначалникот Никола Бакрачески, претставува своевиден нов импулс во развојот на локалната економија во Охрид  и создава услови за креирање нови работни места .

Според директорот на Дирекцијата за технолошко–индустриски развојни зони, Виктор Мизо странските инвестиции се особено важни за не многу големи градови во кои се вбројува  Охрид.

Вработените ја поминаа обуката во фабриката на „ОДВ Електрик“ во Украина, а од понеделник оди нова група обука. Покрај вработените бенефит ќе имаат и голем број домашни компании од металната индустрија, но и услужни дејности производство на храна, обезбедување и логистика.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top