
Реакциите за присуството на првите луѓе на СДСМ, Зоран Заев и Радмила Шекеринска, на ВИП-забавата на „Дајнерс“ во МНТ, новата зграда што тие ја нарекуваа кич и невкусна, продолжува. Луѓе што важат за блиски до СДСМ или, пак, биле или се дел од оваа политичка партија, се револтирани што Заев и Шекеринска си го погазија зборот. Се огласи и Љубица Буралиева, пратеничката од СДСМ, која беше исклучена од партијата откако реши да го прифати пратеничкиот мандат:
Никола (Гелевски), и мојата линија на „раздвојување“ е токму така исцртана. Со ризик на движење надвор од „линијата без линија“, дадов личен отпор не за да признаам нешто што не само што не е за признавање (ами за вистинско уривање), туку самоубиствено да рикнам (викнам) дека животите на луѓето што ве следат вредат повеќе од политичките „лакирани кондури“. Досега не влегов во шљаштавиот објект токму затоа што го сакам вистинскиот театар кој во вакви услови вирее ( само со висок културно-уметнички здив) и на улицата од моето маало, и во прилагоден хангар, со публика со истенчен вкус и искреност во погледот кон сцената, со јасна визија кога завесата треба да се спушти.

Се огласи и Ерол Ризаов, аналитичар и новинар кој важи за близок до опозицијата. Тој во неговата колумна од понеделникот, 29 септември напиша:
Второто чудо ни го приреди лидерот на опозицијата Зоран Заев. Човекот, ни пет ни шест, храбро и на голема врата влезе во „Скопје 2014“. Стана дел од славната историја на преродбата на Македонија и се запиша како прв опозициски политичар кој го промовира старо-новиот театар, на големо задоволство на сопартијците од врвот на СДСМ и пријателите од ВМРО-ДПМНЕ и Владата.
Претходно се огласија Саше Ивановски – Политико, Васко Ефтов, Јорданка Ивановска – Јоци, Ивор Мицковски, Никола Гелевски… Мицковски пишува дека ако пораката што сакаа да ја испратат е дека и во услови на режим може да се ужива, да се слави животот или личното богатство, тогаш ја остварија целта.
Уредникот на соросовиот портал Окно, Никола Гелевски, пишува дека Радмила Шекеринска го направила најголемиот гаф во својата досегашна политичка кариера, организирајќи сопствена деловно-семејна прослава во старо-новиот објект на МНТ, еден од “најважните симболи на опасниот груевистички проект СК014“.
-Дека Радмила Шекеринска, некогаш најголемата македонска политичка надеж, подолго време е дел од скопските малограѓански шеми – не е некаква новост. Таблоидите чат-пат се бават со таа тема. Ништо страшно во ерата на сеопштата естрадизација и позерство. Исто така, дека опозицискиот блок, чијшто важен предводник токму е Шекеринска, се наоѓа во хронична политичка криза – и тоа главно е познато.Но, дека Радмила Шекеринска ќе стане веројатно најважниот досегашен позитивен верификатор на СК014, најстрашниот политичко-културен проект во историјата на Македонија – тоа ретко кој можеше да го сонува (дозволувам, освен упатените во приликите; а не сум тој; јас сум меѓу стаписаните), пишува Гелевски.
Тој пишува дека токму затоа во политичка смисла е непростлив гафот на Шекеринска, за која вели дека во голема мера го изгубила својот политички кредибилитет.
-Стојам до ставот дека гестот на Шекеринска е рамен на политичко самоубиство. Низ нејзиниот најнов поразителен гест сфатив и друга важна работа: таквите кадри во СДСМ се совршено олицетворение токму на културно игнорантските политики на Бранко Црвенковски. СДСМ е склон кон вакви квазирационални критики на СК014 („подобро патишта отколку галии“), без да влезе во културната суштина на лудилото кое зрачи политичка радиоактивност од највисок степен, пишува Гелевски.
За уредникот на порталот „Мактел“ и отворен поддржувач на опозицијата, Саше Ивановски-Политико присуството на Шекеринска, Заев и останати високи фунционери во тетарот кој е дел од проектот кој го нарекуваа налудничав, забеган и кич е чист автогол кој скапо ќе ја чини опозицијата.
-И кога сасвим изненада ете ти ги Заев и Рада ќе ти стегнат еден јак ударац у муда и ќе те кутнат на земја и ќе доживееш нешто поболно и пострашно од сите исмевања и сите проблеми кои ги носи функцијата – закоравен опозиционер! Ништо не ми е тешко толку многу колку чист опозициски автогол кој знам дека скапо ќе не чини – нови порази, нови паѓања, нови победи за талибанците и фашистите од ДПМНЕ, нови зулуми и мајмунарии во нашава државичка..
Ивановски пишува дека наместо таа “срамна глуперајка“, ситуацијата можела да биде многу поразлична, односно Заев и Шекеринска по смената на Црвенковски требало да почнат со дистанцирање од стариот СДСМ, храбро да тргнеле во ребрендирање на СДСМ.
-Заев и Рада да почнеа во стари алишта да се шетаат по македонските пензионерски домови, домови за сираци и бездомници, по пазарите по фабриките каде работниците земаат по 8000 денари плата. Да фатеа да држат жолчни инспиративни говори полни со ентузијазам и страст. Да почена да го креваат народот. Да почнеа да се борат со пропагандата со тоа што секогаш ќе беа еден чекор пред неа, како во партија шах па наместо на одмор во Грција да отидеа во Охрид меѓу рајата на Градиште и Славија. Да почнеа да се возат во стари голфови и опели и шефролети а не џипови и аудија серија 8. Така, ден за ден, капка по капка, рејтингот ќе одеше нагоре и денеска наместо да се сликаат во МНТ со Орце со рејтинг од 10 отсо и надвор од парламент, тие требаше да држат голем митинг пред новата зграда на владата и со рејтинг од 25 отсто да привлечат маси на народ, пишува Ивановски во својата колумна „А како требаше да биде“.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


