| четврток, 6 декември 2018 |

Златко Стевковски: Приказната за 40 години МОТ почнува веднаш!

Непосредно по завршувањето на 39. издание на МОТ. за кое организаторите потврдија дека бележи раст од 87 проценти реализирани билети, што е за 9 проценти повеќе од минатата година, тие го најавија новото јубилејно, 40. издание.

-Приказната за 40 години МОТ почнува веднаш. Од овој момент ги почнуваме активностите за славење на овој за нас, но и за европската театарска реалност голем јубулеј – 40 години МОТ без ниту една година пауза… Не многу вакви фестивали можат да се пофалат со таков континуитет – рече Златко Стевковски, директор на МКЦ.

Приказната за 40 години МОТ ја почнуваме со театарска премиера во продукција на МОТ и МКЦ која ќе се случи на 23 октомври, но подоцна ќе бидат објавени деталите. Официјалната програма на 40. МОТ ќе биде објавена во периодот меѓу 17 и 24 септември, но претходно од 10 до 13 септември ќе биде организиран Македонски театарски маркет, на кој во четири дена ќе бидат прикажани најрепрезентативните македонски продукции пред дваесетина европски директори на фестивали и фестивалски програмери, на кои ќе им бидат понудени „во живо“ македонски продукции кои тие ќе можат да ги селектираат за своите европски проекти – вели Русе Арсов од МОТ.

Од издавачката дејност се најавени монографија за 40 години МОТ и Млада македонска театарска реалност, а во финални преговрои е гостувањето на „Toonel group“ од Амстердам – можеби најзначајниот холандски театар денес, каде што најголем дел од продукциите ги режира еден од великаните на театарската режија Иван ван Хов.

Арсов најави дека големи се изгледите „Schaubuhne Berlin“, еден од најзначајните театри во светот, конечно, да го видиме во Скопје, потоа трупата „Belarus Free Theatre“, која по политичкиот прогон од Белорусија работи во Британија, а своето гостување го потврдиле и продукцијата на „Epidaurus festival“ од Атина кои годинава одбележаа 60 години постоење.

Почнати се преговори и со „Sharlerol dances“ од Белгија, „Сартр“ од Босна и Херцеговина, „ЗаКаЕм“ од Хрватска, како и театарски проекти од Јапонија, Бразил, Швајцарија, Русија и Ирак.

 

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top